Како што беше соопштено, овој значаен договор претставува важен чекор кон унапредување на малопродажниот екосистем во регионот и ја потврдува посветеноста на двете компании кон одржлив раст, иновации насочени кон потрошувачите и прекугранична соработка.
Првата продавница ќе биде отворена во октомври 2025 година во Скопје, Македонија, а планирано е отворање продавници и низ Албанија, српската покраина Косово и Метохија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
„Надоврзувајќи се на нашето силно присуство низ Европа и успешниот влез на турскиот пазар во октомври 2024, гледаме на Западен Балкан како логичен следен чекор во нашето ширење. Апетитот на регионот за меѓународни брендови и ентузијазмот за креативни, достапни производи совршено се вклопуваат во концептот на Flying Tiger Copenhagen. Возбудени сме што влегуваме на овој пазар и со нетрпение очекуваме да се сретнеме со потрошувачите низ целиот Западен Балкан“, изјави Јулиус Шмит, регионален директор за Индија, Блискиот Исток и Африка во Flying Tiger Copenhagen, пишува еКапија.
Стивен Грунеруд, потпретседател за развој на стратегијата во BALFIN Група, го опиша партнерството како силен спој на заеднички вредности и стратешки визии:
„Како лидер во малопродажниот сектор во Југоисточна Европа, BALFIN Група претставува врата за врвни меѓународни брендови кои сакаат да пристапат до овој жив и брзо растечки пазар. Нашата соработка со Flying Tiger Copenhagen е доказ за нашето уверување во долгорочни партнерства кои носат вредност и квалитет за нашите потрошувачи.“
Покрај своите комерцијални аспекти, ова партнерство има потенцијал да генерира значајни социоекономски придобивки за регионот. Се очекува отворање околу 400 нови работни места во пет земји, со фокус на локалните оперативни позиции кои директно придонесуваат кон економското зајакнување и развојот на работната сила.
Основан во 1995 година, Flying Tiger Copenhagen има повеќе од 1.000 продавници во 38 земји ширум светот. Асортиманот на производи опфаќа декорација за домот, кујнски прибор, играчки, канцелариски материјали, прибор за прослави и сезонски артикли за празници.
