Се затвора култната „Седмица“ кај Грчка амбасада – заминува дел од скопската урбана приказна
Актуелно

Се затвора култната „Седмица“ кај Грчка амбасада – заминува дел од скопската урбана приказна

30. 04. 2026.

После 39 години работа!

По речиси четири децении работа, своите врати ги затвора првиот дуќан на една од најпрепознатливите сендвичарници во Скопје – „Седмица“, лоцирана кај Грчката амбасада.

Веста се прошири преку социјалните мрежи, каде граѓани споделуваат спомени и емоции поврзани со местото кое со години беше симбол на скопската гастрономска сцена. „Седмица“ ќе остане запаметена по својот препознатлив хамбургер со помфрит во сендвичот, како и по специфичниот мајонез со кари, кој за многумина беше дел од автентичното искуство.

Покрај храната, сендвичарницата важеше и за место со човечки однос кон вработените, кои, според сведоштвата, не работеле во недела и за време на празници – реткост во угостителскиот сектор.

И покрај промените на пазарот и појавата на модерни и „фенси“ концепти, „Седмица“ успеа да го задржи своето место кај љубителите на класичниот хамбургер, обединувајќи неколку генерации скопјани.

„Денес го изедов последниот хамбургер таму. Со среќа понатаму и благодарам за сите спомени од младоста“, стои во една од објавите која предизвика бројни реакции.

Со затворањето на овој локал, Скопје губи уште едно место кое беше дел од секојдневието и урбаната меморија на градот.