Сепак, долгогодишното искуство на извршните коучеви кои работат со менаџери во гиганти како Google, Amazon и Microsoft покажува дека најуспешните професионалци знаат како да изразат несогласување со врвниот менаџмент, а притоа да не ја нарушат својата репутација.
Успешните луѓе ретко, или речиси никогаш, директно не ѝ велат на моќната личност: „Не сте во право“. Тоа е непотребно конфронтирачки и продуктивната дискусија лесно може да се претвори во обична расправија, пишува CNBC Make It.
Кога е направено на правилен начин, несогласувањето со лидерите може да биде еден од најбрзите начини да ја заслужите нивната почит и доверба. Бизнис психологијата издвојува пет дипломатски фрази што успешните професионалци ги користат во вакви ситуации:
1. „Тоа е добра поента. Сепак, предизвикот што јас го гледам е...“
Најдете заедничка точка пред да го изнесете вашиот контрааргумент. На пример, загриженоста на шефот за кратките рокови може да биде сосема оправдана, дури и ако предложеното решение не е реално.
Признавањето на вредноста на нивната перспектива покажува дека активно учествувате во разговорот, а не дека автоматски се спротивставувате. Тоа ја намалува одбранбеноста кај претпоставениот и го прави поподготвен да ве сослуша.
Погрешно: „Тоа нема да успее, немаме буџет за тоа.“
Правилно: „Тоа е добра поента во однос на потребата да реагираме брзо. Предизвикот што јас го гледам е дека ресурсите веќе се распределени, па би морале да повлечеме средства од друго место.“
2. „Би сакал да додадам уште една работа на тоа“
Луѓето на високи позиции често немаат ист увид во секојдневните операции како вработените кои директно работат на терен. Затоа, искористете ја можноста да укажете на тренд што го забележувате, повратни информации што ги добивате или последици за кои тие можеби не се свесни.
Претставете го тоа како надополнување на нивното размислување, а не како исправка на грешка. Дополнителниот слој на анализа покажува повисоко ниво на стратешко размислување.
Пример: Ако потпретседател на компанијата смета дека корисниците не ја користат новата функција и сака да ја укине, не молчете. Кажете:
„Се согласувам дека ангажманот моментално е низок, но би сакал да додадам уште една работа. Корисниците кои навистина ја користат оваа функција се најавуваат секојдневно, што е многу важен податок.“
3. „Мојата грижа во врска со тој пристап би била...“
Кога се под притисок, вработените често велат: „Не гледам како ова има смисла“ или „Тоа нема да помине“. Ваквите изјави звучат критички и претпоставените ги доживуваат како напад врз нивната интелигенција.
Наместо тоа, фокусирајте се на самиот план или пристап и бидете што е можно поконкретни за ризикот и причините поради кои тој е важен.
Пример: Ако директорот сака да започне нова иницијатива без да се консултира со тимот што ќе биде засегнат, наместо да кажете дека планот е лош, кажете:
„Мојата грижа во врска со овој пристап би била реакцијата на секторот за развој на бизнисот. Тие и претходно беа затекнати од ненадејни промени, па доколку не ги информираме навреме, тоа би можело да создаде дополнителни тензии.“
4. „Сакам да бидам сигурен дека сме го земале предвид и...“
Оваа фраза ја отстранува вината и подразбира добра намера. Со тоа што велите „Сакам да бидам сигурен“ наместо „Заборавивте“, конструктивната критика ја претставувате како едноставен превид.
Врвните лидери, кои истовремено управуваат со многу приоритети, го ценат ваквиот пристап, бидејќи им помага да ги забележат деталите што можеби им избегале.
Совет: Не создавајте непотребни тензии околу ситни лични преференции, како на пример изгледот на дизајнот. Наместо тоа, укажете на прашања што влијаат врз бизнисот:
„Сакам да бидам сигурен дека сме предвиделе доволно време за правна ревизија, за да не го пробиеме крајниот рок.“
5. „Што е потребно да се случи за да можеме да започнеме со [друга идеја]?“
Оваа тактика го користи таканаречениот „ефект на прашање и однесување“. Кога некого го прашувате за идна активност, тој несвесно го замислува тој сценарио и е поголема веројатноста подоцна да ја прифати таа опција.
На овој начин го поттикнувате претпоставениот да ја гледа вашата алтернатива како реална можност и самиот да размислува што е потребно за таа да биде изводлива.
Пример: Ако менаџерот постојано ви додава нови проекти, можете да прашате:
„Што би требало да се случи за да ослободиме простор за [главниот приоритет]?“
Тоа ќе му помогне подобро да ги разграничи задачите што се навистина важни од оние што можат привремено да се одложат.
Способноста за дипломатија во критични моменти е знак на професионална зрелост. Кога се поставувате како партнер во решавањето проблеми, а не како некој што само се согласува или слепо критикува, станувате незаменлив дел од секој успешен бизнис.
