Македонските конфекции добиваат 5 евра за кошула „хуго бос“, европските продавници ја продаваат за 40 евра
Актуелно

Македонските конфекции добиваат 5 евра за кошула „хуго бос“, европските продавници ја продаваат за 40 евра

11. 06. 2026.

Затворањето фабрики и губењето работни места сè почесто ги погодуваат македонските градови каде текстилната индустрија е меѓу главните работодавачи. Компаниите се соочуваат со намалени нарачки, засилена странска конкуренција и растечки трошоци, поради што дел од нив ги намалуваат капацитетите или целосно престануваат со работа.

Според Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик на АД „Мода“, главните причини за кризата се намалените нарачки од Германија и конкуренцијата од земјите од Далечниот Исток, каде трошоците за работна сила се значително пониски.

„Лон-производството, какво што го познававме досега, е осудено на пропаст. Овој модел веќе не може да обезбеди долгорочна одржливост и развој на компаниите“, вели Димитров.

Тој посочува дека македонските конфекции добиваат само мал дел од конечната цена на производите што ги изработуваат за светски брендови, додека најголемиот дел од профитот останува кај странските нарачатели и трговски синџири.

Како единствено долгорочно решение се посочува развојот на сопствени трговски марки и производи со повисока додадена вредност. Сепак, според Димитров, само околу 5 проценти од домашните текстилни компании произведуваат сопствени производи, додека останатите работат по лон-систем.

Дополнителен предизвик претставуваат и новите европски стандарди поврзани со зелената енергија, заштитата на животната средина и одржливото производство, чие исполнување бара значителни инвестиции.

Податоците покажуваат дека во изминатата деценија бројот на вработени во текстилната индустрија е намален за речиси 60 проценти – од околу 47.000 на 17.000 работници.

Според познавачите на секторот, во иднина најголеми шанси за опстанок ќе имаат компаниите кои ќе изградат сопствени брендови или ќе понудат целосен производствен пакет за странските партнери, додека за останатите конкуренцијата ќе биде сè потешка.

Извор: vecer.press