Македонија ќе го олабави пазарот со ангажирање студенти, невработени и пензионери
Актуелно

Македонија ќе го олабави пазарот со ангажирање студенти, невработени и пензионери

04. 05. 2026.

БАЛКАНОТ ИМА ДЕФИЦИТ ОД РАБОТНИЦИ

Недостигот на работна сила станува сè поизразен проблем не само во Македонија, туку и на целиот Балкан. Властите и стопанствениците се обидуваат да најдат брзи решенија преку нови законски мерки и ангажирање на пошироки категории граѓани, меѓу кои студенти, невработени и пензионери.

Македонското Министерство за економија и труд информира дека расте интересот за Законот за работно ангажирање, кој овозможува сезонска и дополнителна работа во угостителството, земјоделството и услужните дејности. Во изминатиот период се одржуваат информативни средби низ државата со цел граѓаните и компаниите подобро да се запознаат со новите можности. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакнува дека интересот на терен е значителен, особено во секторите кои се директно погодени од недостиг на кадар.

– Интересот на инфо-средбите е многу голем. Целта ни е да ги анимираме и информираме сите од опфатените дејности – земјоделството, угостителството и услужните дејности. Досега има десетици апликации, најмногу во угостителството, но очекуваме тој број да расте – вели Ристески.

Од Владата најавуваат дека доколку во практиката се појават проблеми, ќе се прават измени и корекции на законските решенија.

Експертите предупредуваат дека Западен Балкан се соочува со уште подлабока структурна криза. На бизнис форум во Приштина беше истакнато дека регионот би можел да изгуби околу 20% од работоспособното население во наредните децении, додека во следните пет години недостигот би можел да надмине 190.000 работници. Најчестите причини се ниските плати, несигурните работни услови и масовна емиграција на млади и квалификувани лица, а овој тренд најсилно ги погодува малите и средните претпријатија како носители на економијата во регионот.

Експертите предупредуваат дека Западен Балкан веќе не може да се потпира на евтина работна сила како конкурентска предност и дека е неопходна промена на економскиот модел – со поголеми инвестиции во продуктивност, образование, иновации и технологија, како и подлабока регионална соработка.

Извор:vecer.press