Зошто Амазон нема вистинска конкуренција на Западот?
Актуелно

Зошто Амазон нема вистинска конкуренција на Западот?

19. 05. 2026.

Од онлајн продавница за книги до глобален технолошки гигант – зошто Amazon речиси и нема сериозна конкуренција во е-трговијата и што може да ја загрози неговата доминација?

Витамини, леплива лента и тегла манго чатни се само дел од производите што секојдневно пристигнуваат во домовите преку платформата на Amazon. Милиони луѓе купуваат и во синџирот супермаркети Whole Foods Market, гледаат серии преку стриминг платформата на компанијата, читаат книги на Kindle уредите и користат веб-страници што функционираат преку Amazon Web Services (AWS).

Ова е само дел од огромниот екосистем на услуги и производи што ги нуди компанијата основана од Џеф Безос во 1995 година како мала интернет-книжарница во изнајмена гаража. Денес, Amazon е најголемата светска компанија според годишна продажба, надминувајќи го дури и малопродажниот гигант Walmart. Но, зошто речиси нема вистинска конкуренција на западните пазари?

Конкуренција постои – но не доволно силна

Иако Amazon доминира, тој не е без конкуренти. Во САД, компании како Walmart и Target развиваат силни онлајн продажни платформи и нудат сопствени претплатнички програми слични на Amazon Prime. Во Обединето Кралство, Tesco е лидер во онлајн продажбата на намирници, додека Zalando е најголемиот германски онлајн продавач на облека.

Кога станува збор за евтини производи, доминираат кинеските платформи Temu и Shein. Тука е и eBay, кој функционира поинаку – преку аукции, половна стока и колекционерски предмети.

Сепак, бројките покажуваат огромна предност на Amazon. Во САД, компанијата контролира околу 40,5 проценти од целокупната интернет-малопродажба, додека Walmart има само 9,2 проценти, а eBay околу 3 проценти.

Рецептот за доминација

Експертите велат дека доминацијата на Amazon е резултат на комбинација од неколку клучни фактори. Прво, компанијата беше меѓу првите што сфатија како интернетот може да ја промени куповината преку брзина и практичност. Тоа ѝ овозможи рано да освои огромен дел од пазарот. Дополнително, инвеститорите со години му дозволуваа на Amazon да работи со минимален профит или дури со загуби, додека компанијата агресивно ги реинвестираше приходите во раст и ширење.

За разлика од традиционалните компании, Amazon никогаш не исплатил дивиденда на акционерите. Денес, најголемата финансиска предност доаѓа од Amazon Web Services – секторот за cloud computing, кој носи огромни профити и му овозможува на Amazon да ја одржува е-трговијата со ниски маржи.

Алгоритми, податоци и Prime

Компанијата исто така се позиционираше како технолошка фирма, а не само како онлајн продавница. Алгоритмите, автоматизацијата и анализата на податоци му помогнаа на Amazon да ја зголеми ефикасноста и да создаде персонализирано корисничко искуство. Еден од најважните чекори бил направен во 2000 година, кога Amazon им дозволил на независни продавачи да продаваат производи преку неговата платформа.

Ова создало таканаречен „мрежен ефект“ – повеќе продавачи значат повеќе производи, што привлекува повеќе купувачи, а тоа повторно носи нови продавачи. Во 2005 година, компанијата ја лансираше услугата Amazon Prime во САД, а подоцна и во Европа. За годишна претплата, корисниците добиваат брза и бесплатна достава, стриминг содржини, попусти и дополнителни услуги.

Токму Prime, според аналитичарите, ги прави корисниците „заробени“ во екосистемот на Amazon.

Обвинувања за монопол

Но, критичарите тврдат дека доминацијата на Amazon не е резултат само на иновации, туку и на практики што ја ограничуваат конкуренцијата. Во САД, Федерална трговска комисија (FTC) и државата Калифорнија водат антимонополски тужби против Amazon.

Компанијата е обвинета дека ги казнува продавачите кои нудат пониски цени на други платформи – на пример со намалување на видливоста на нивните производи или отстранување од клучните позиции за продажба. Amazon ги негира сите обвинувања.

Може ли нешто да ја загрози доминацијата?

Некои аналитичари сметаат дека решението е раздвојување на Amazon на повеќе независни компании. Други, пак, веруваат дека вистинската закана можеби нема да дојде од класичен конкурент како Walmart или eBay, туку од новата генерација вештачка интелигенција.

Е-трговијата сè повеќе се интегрира во AI платформи како OpenAI и нивниот ChatGPT, што би можело целосно да го промени начинот на онлајн купување. Наместо пребарување на веб-страници, корисниците во иднина би можеле директно преку AI асистенти да купуваат производи без да влегуваат на Amazon.

Токму таму, според аналитичарите, може да се појави првата вистинска закана за долгогодишната доминација на Amazon.

Извор:trn.mk