Деца „летаат“ со електрични тротинети низ Скопје, 11 незгоди за четири месеци
Актуелно

Деца „летаат“ со електрични тротинети низ Скопје, 11 незгоди за четири месеци

19. 06. 2026.

Непрописно и лудо се возат електрични тротинети низ Скопје, од страна на малолетници, реагираат граѓаните. Многу често и по две деца качени на тротинет, без соодветни заштитни кациги, „летаат“ низ булеварите меѓу густиот сообраќај. Малолетните возачи, често и пресекуваат пат, а не се безбедни ниту на патеките на кеј покрај Вардар. Ова особено стана изразено со разубавувањето на времето, кога се зголеми бројот на учесници во сообраќајот - возачи на тротинети и мотоцикли.

Електричните тротинети стануваат сè почесто превозно средство, но паралелно со нивната популарност расте и бројот на сообраќајни несреќи во кои тие учествуваат. Последниот трагичен случај се случи во кумановско, каде 13-годишно момче, управувајќи електричен тротинет, загина по судир со камион.

Граѓаните предупредуваат дека голем дел од инцидентите во кои учествуваат деца не се пријавуваат во полиција, со што се избегнува одговорност, а повредите што ги претрпуваат младите често можат да бидат сериозни и да остават долготрајни последици.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првите четири месеци од 2026 година низ државата се регистрирани 27 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети. Од нив, 11 се случиле на подрачјето на СВР Скопје.

Во овие незгоди нема загинати лица, но 12 возачи се здобиле со телесни повреди, а едно лице било тешко повредено. Според возраста, тројца од повредените биле деца до 14 години, додека десет биле постари од таа возраст.

Во истиот период биле евидентирани и 23 прекршоци поврзани со управување електрични тротинети. Најголемиот дел се однесуваат на прекршување на законските одредби што ги регулираат условите за нивно користење.

Според важечките правила, забрането е да се превезува друго лице на електричен тротинет, лицата помлади од 14 години не смеат да управуваат со него, а максималната дозволена брзина е 25 километри на час.

Во меѓувреме, соседна Грција размислува за воведување целосна забрана за управување со електрични тротинети за лица помлади од 18 години, како дел од мерките за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на несреќи во кои учествуваат овие превозни средства.