Германија сè повеќе се потпира на лекари кои дошле од странство, покажуваат најновите податоци на Германската лекарска комора, објавени во рамки на лекарската статистика заклучно со 31 декември 2025 година.
Според податоците, бројот на лекари со странско државјанство во Германија пораснал за 5 проценти во однос на претходната година и достигнал 71.480 лица.
Тоа значи дека 16 проценти од сите активни лекари во Германија немаат германско државјанство.
Овој нов рекорд, според Германската лекарска комора, главно се должи на зголемениот број лекари кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија.
Бројот на лекари од земји надвор од ЕУ пораснал за 7,6 проценти, додека бројот на лекари со државјанство од ЕУ останал речиси непроменет, со раст од само 0,1 процент.
Најмногу лекари без германско државјанство во Германија доаѓаат од Сирија – 7.959, потоа од Романија – 4.617, Турција – 3.532, Русија – 3.138, Австрија – 3.076 и Грција – 2.963. Поголемиот дел од странските лекари работат во болничкиот, односно стационарниот сектор.
Податоците доаѓаат во момент кога германското здравство се соочува со сериозни демографски предизвици. Речиси една четвртина од активните лекари во Германија веќе имаат 60 или повеќе години, што значи дека во следните години голем број од нив ќе се пензионираат. На крајот на 2025 година, 43.444 лекари биле постари од 65 години, а уште 60.826 биле на возраст од 60 до 65 години.
Германската лекарска комора предупредува и на промени во амбулантниот сектор. Бројот на лекари кои имаат сопствени ординации се намалил за 1,3 проценти во однос на претходната година, а во последните пет години нивниот број паднал за вкупно 8 проценти. Истовремено, расте бројот на лекари кои работат како вработени во ординации или медицински центри.
Официјалните германските податоци дополнително покажуваат дека реалната зависност од лекари со миграциска историја е уште поголема.
Според проценките на Destatis, во 2024 година лекарите кои се доселиле од странство сочинувале околу 24 проценти од целата лекарска професија, односно речиси секој четврти лекар во Германија.
Германските медиуми претходно објавија дека во 2024 година во земјата работеле околу 64.000 лекари без германско државјанство, што било 13 проценти од лекарската фела. Десет години претходно, нивниот број бил околу 30.000.
Лекарите во Германија во просек заработуваат околу 105.500 евра бруто годишно, покажуваат податоците од германскиот Gehaltsreport 2026.
Но, разликите се големи: специјализантите најчесто почнуваат со околу 4.600 до 7.100 евра бруто месечно, додека искусни Oberarzt лекари можат да достигнат над 10.000 евра бруто месечно, без да се сметаат дополнителните дежурства и надоместоци. Оттука станува јасно зошто Германија се смета за „ветена земја“ за оние кои завршиле медицински факултет.
