Доколку „Гордиот Албион“ го освои Мундијалот, играчите и стручниот штаб ќе поделат околу 19 милиони фунти бонуси – речиси половина од наградата што Англиската фудбалска асоцијација би ја добила од ФИФА.
Од сумата, околу 15 милиони фунти ќе им припаднат на фудбалерите, околу 3 милиони на селекторот Томас Тухел, а уште 1 милион на неговиот стручен тим.
Износот за секој играч ќе зависи од минутажата на турнирот, но доколку парите се поделат рамномерно, секој би добил околу 577.000 фунти.
ФИФА годинава значително го зголеми наградниот фонд, кој достигна 655 милиони долари. Новиот светски шампион ќе заработи 50 милиони долари, за разлика од 32 милиони колку што доби Аргентина во 2022 година.
Високите бонуси за машката репрезентација доаѓаат и по спорот со женската селекција на Англија, која пред Светското првенство во 2023 година бараше подобри услови и награди.
Англиските репрезентативци инаку добиваат по 2.000 фунти за настап, но овие средства традиционално ги донираат во добротворни цели.
