Ќе го задржи ли Охрид статусот на светско наследство на УНЕСКО? Одлуката следната недела
Актуелно

Ќе го задржи ли Охрид статусот на светско наследство на УНЕСКО? Одлуката следната недела

10. 07. 2026.

Дали Охридскиот Регион ќе остане на Листата на светско наследство на УНЕСКО или ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност ќе биде познато по Генералното собрание на УНЕСКО, кое следната недела ќе се одржи во Јужна Кореја.

Дали Охридскиот Регион ќе остане на Листата на светско наследство на УНЕСКО или ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност ќе биде познато по Генералното собрание на УНЕСКО, кое следната недела ќе се одржи во Јужна Кореја.

Охридскиот Регион веќе подолг период е под засилен мониторинг поради забелешките на УНЕСКО за дивоградбите, урбанизацијата, загадувањето и недоволната заштита на природното и културното наследство. Македонските институции доставија извештај за преземените мерки, а конечната оценка ќе ја даде Комитетот за светско наследство.

Од Владата информираат дека во пресрет на седницата биле одржани средби со амбасадори на земји членки на УНЕСКО, при што биле разгледани активностите за заштита и одржлив развој на Охридскиот Регион. Посочуваат дека е особено важна и соработката со Албанија, бидејќи Охридскиот Регион претставува прекугранично светско наследство што го опфаќа Охрид, Струга, Дебрца и Поградец.

Паралелно, институциите најавуваат дека продолжуваат подготовките за изградба на автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан, при што во тек е изборот на најсоодветната траса, со цел проектот да биде усогласен со препораките за заштита на регионот.

Во меѓувреме, продолжуваат и активностите на инфраструктурните проекти во Полошкиот Регион. Според најавите, автопатот Тетово – Гостивар треба целосно да биде завршен до 2028 година, а во тек е и подготовка на документацијата за идното железничко поврзување на Скопје со Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга и Албанија.

Одлуката на УНЕСКО ќе биде клучна за идниот статус на Охридскиот Регион, кој е едно од ретките подрачја во светот впишани на Листата на светско наследство и по природни и по културни вредности.

Извор: vecer.press