ОД 1 СЕПТЕМВРИ: Се менуваат правилата за бесплатно паркирање на скопскиот аеродром
Актуелно

ОД 1 СЕПТЕМВРИ: Се менуваат правилата за бесплатно паркирање на скопскиот аеродром

26. 08. 2026.

Од 1 септември 2026 година стапуваат во сила нови правила за користење на зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје, која се наоѓа непосредно пред терминалната зграда и е наменета за оставање и пречекување патници.

Зоната и понатаму ќе овозможува бесплатно задржување до 10 минути, но со важна промена. Отсега, секое возило ќе може да ја користи оваа можност само еднаш во период од 24 часа. Тоа значи дека влегувањето, транзитирањето и бесплатното паркирање до 10 минути ќе бидат дозволени еднаш дневно по возило.

Новото правило се воведува со цел да се намали задржувањето на возилата пред терминалот и да се овозможи побрз и понепречен сообраќај, особено во периодите кога има голем број патници.

Пристапот и времетраењето на престојот ќе се следат преку автоматско препознавање на регистарските таблички, што ќе овозможи полесна контрола и поефикасно управување со сообраќајот.

За оние на кои им е потребно подолго паркирање, останува достапен главниот паркинг на аеродромот, кој се наоѓа пред терминалната зграда. На располагање има 1.200 паркинг места за автомобили и 6 места за автобуси.

За подолг престој во зоната „Hug & Fly“, како и за актуелните цени и сите останати информации поврзани со паркирањето на Меѓународниот аеродром Скопје, деталите се достапни на официјалната веб-страница на аеродромот.

https://skp.airports.com.mk/mk-MK/park-mk/page/parking-subscriptions-mk