Командантот на мисијата, Рид Вајсман, ги направил „спектакуларните“ слики (кои во текот на вчерашниот ден беа интернет сензација), соопшти НАСА, откако екипажот завршил со последното согорување на моторот што ги поставило на траекторија кон природниот сателит на Земјата.
Околу 08:00 часот по македонско време, онлајн контролната табла на НАСА покажала дека вселенското летало „Орион“ сега е оддалечено 142.000 милји (228.500 км) од Земјата и 132.000 милји (212.400 км) од Месечината. Астронаутката Кристина Кох изјави дека екипажот имал колективен „излив на радост“ кога биле известени за пресвртницата, која се случи околу два дена, пет часа и 24 минути по лансирањето.

Првата слика објавена во текот на вчерашниот ден, наречена „Здраво, свету“ (Hello, World), покажува огромно сино пространство што е Атлантскиот Океан. Земјата изгледа свртена наопаку, со западна Сахара и Пиринејскиот полуостров видливи лево, а источниот дел од Јужна Америка десно. НАСА ја идентификуваше светлата планета долу десно како Венера.
„Артемис 2“ сега е на кружна патека што ќе го насочи екипажот кон далечната страна на Месечината и назад. Ова е прв пат од 1972 година луѓето да патуваат надвор од Земјината орбита. Вселенскиот брод полета од Вселенскиот центар Кенеди во Флорида, а екипажот треба да помине околу Месечината на 6 април и да се врати на Земјата на 10 април со спуштање во Тихиот Океан.
Откако заврши согорувањето на моторот екипажот беше „залепен за прозорците“ фотографирајќи, изјави еден од членовите на мисијата, Канаѓанецот Џереми Хансен, за контролата на мисијата во Хјустон.
Друг кадар снимен од Вајсман ја покажува Земјата поделена на ноќ и ден. Таа граница помеѓу светлината и темнината е позната како „терминатор“.
Подоцна, НАСА објави друга слика што ја прикажува Земјата во речиси целосен мрак, со електричните светла на човештвото како ја осветлуваат ноќта.
Исто така, направи споредба помеѓу погледот на Земјата во 2026 година и сличен направен од тимот на Аполо 17 во 1972 година - последниот пат кога луѓето стапнале на Месечината. „Постигнавме толку многу во последните 54 години, но едно нешто не се промени: нашиот дом и натаму изгледа прекрасно од вселената!“, гласеше пораката.
