По информациите дека во базата на Агенцијата за вработување фигурираат илјадници огласи со суми под законскиот праг, министерот најави вонредни контроли и казни за прекршителите.
На официјалната презентација на Оперативниот план за вработување за 2026 година, беше отворено прашањето за околу 9.000 активни огласи на веб-страницата на Агенцијата кои нудат примања под минималната плата. Министерот Дурмиши најави состанок со директорите на Агенцијата за вработување и Трудовиот инспекторат за да се испита реалната состојба.
„Ќе имаме состанок и ќе направиме контроли кај овие компании. Ќе ве информираме какви мерки ќе преземеме. Не е важно дали огласите за работа се стари или нови, не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот, “ одговори Дурмиши.
