НАД 29.000 ЛУЃЕ ОДГОВОРИЛЕ ДЕКА ЗБОРУВААТ ОД ТРИ ДО СЕДУМ ЈАЗИЦИ: Во кои сектори најмногу би просперирале?
Актуелно

НАД 29.000 ЛУЃЕ ОДГОВОРИЛЕ ДЕКА ЗБОРУВААТ ОД ТРИ ДО СЕДУМ ЈАЗИЦИ: Во кои сектори најмногу би просперирале?

02. 06. 2026.

Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) oд 2022 година, во Македонија 29.596 луѓе одговориле дека зборуваат од 3 до 7 странски јазици. Овие кадри можат да градат кариера во земјава, но и да си бараат работа во странство. Во повеќе сектори можат да го покажат своето знаење. Можат да работат со преводи, да бидат фриленсери, да бараат работа во странските компании во Македонија и слично.

„Во странски контакт центри можат да се вработат, можат да си бараат работа во странство, да работат како преведувачи, во школите за англиски или некој друг странски јазик“, вели Јулијана Миновска, од агенцијата за посредување при вработување Д Хедхантер од Скопје.

Зоран Кочоски од Коузон објаснува дека англискиот јазик е тој што отвора врата за работа на брод, а познавањето на друг странски јазик секако е голем плус за самиот кандидат, но неопходни се и другите вештини и искуство во одредена струка. Сепак, нагласува дека лицата треба не само декларативно, туку и во пракса да имаат добри јазични вештини, да можат да комуницираат на одреден странски јазик.

„Во западниот свет, барањето на работа се должи на квалификации кои се поврзани со работната способност. Само со јазик не можете да најдете работа, ако немате друг талент, други вештини. Не може некој да биде келнер само затоа што зборува три јазици или некој да биде рецепционер затоа што познава пет  јазици. Голем дел од народот зборува англиски јазик, што е добро, но застапеноста на другите јазици како францускиот, германскиот, италијанскиот, шпанскиот не е толку голема. Говорно ниво е минимум потребно за извршувањето на работните задачи“, рече Кочоски.

Професорка која зборува пет јазици ни раскажува дека тоа помогнало да најде работа во кол центар, но сепак немала некои поголеми придобивки на македонскиот пазар на труд.

„Зборувам пет странски јазици и сум работела во кол центар, додека другите беа некои повремени ангажмани. Познавањето на повеќе јазици не ми донело многу придобивки, за жал и мислам дека истото како мене ќе го постигне и некој што зборува два јазика, англиски и уште еден странски јазик“, вели професорка по италијански јазик.

Ако ги погледнеме статистичките податоци, поголем е бројот на жени кои успешно се снаоѓаат со говорење повеќе странски јазици за разлика од мажите.  Во таа категорија од над 29.500 луѓе што зборуваат од три до седум јазици, мажи се 14.547, додека бројот на жени кои зборуваат неколку јазици е 15.050. Во секоја возрасна група има по неколку илјади луѓе што зборуваат повеќе странски јазици, со исклучок на пензионерите. Во групата од 65 до 69 години, само 979 луѓе рекле дека зборуваат по три јазици.

Инаку, 664.869 луѓе изјавиле дека зборуваат до два странски јазици. Во оваа категорија мажите се побројни од жените. Од вкупната бројка на оние кои зборуваат до два јазика, жени се 327.955, а мажи се 336.913 луѓе.

Извор:faktor.mk