Најголема потреба од кадар се очекува во продажбата, грижата за деца, социјалните дејности, здравството и електроиндустријата, покажуваат податоците објавени од германски „Шпигел“.
Кои работници ќе бидат најбарани?
Според проекциите, најголемиот недостиг до 2029 година се очекува во продажбата, каде што би можеле да недостигаат околу 39.100 работници.
Веднаш потоа следува секторот за грижа за деца, со проценет недостиг од околу 29.900 вработени.
Потребата од кадар ќе биде голема и во областа на социјалната работа и социјалната педагогија, каде што околу 23.600 позиции би можеле да останат непополнети.
Во здравството и медицинската грижа се прогнозира недостиг од приближно 18.700 работници, додека во електроиндустријата бројката би можела да достигне околу 17.000.
Недостигот на работници би можел речиси да се удвои
Проблемот со недостатокот на квалификувана работна сила во Германија е присутен и сега.
Според актуелните податоци, во текот на минатата година на германскиот пазар на труд недостигале речиси 370.000 квалификувани работници.
Доколку сегашните проекции се остварат, за само неколку години оваа бројка би можела речиси двојно да се зголеми и до 2029 година да достигне околу 723.000.
Пензионирањето на голем број работници дополнително ќе го зголеми проблемот
Една од главните причини за очекуваниот недостиг е демографската структура на германската работна сила.
Авторот на студијата, Александар Бурштеде, посочува дека голем број вработени во наредните години ќе заминат во пензија, со што ќе се отворат дополнителни празнини на пазарот на труд.
Истовремено, се проценува дека приливот на работници од странство нема да биде доволен целосно да го надомести бројот на луѓе кои ќе го напуштат пазарот на труд.
Доколку трендот продолжи, обезбедувањето квалификувани работници ќе остане еден од поголемите предизвици за германската економија во годините што следуваат.
