Копенхаген, Хелсинки и Женева се прогласени за најсреќни градови во светот според Индексот на среќни градови за 2026 година, додека Љубљана е најдобро пласираниот град од регионот.
Најновиот извештај „Happy City Index 2026“ анализирал околу илјада градови ширум светот, оценувајќи ги според шест клучни области што влијаат врз квалитетот на животот и задоволството на граѓаните:
• Население и општествена благосостојба
• Локална власт и управување
• Екологија и животна средина
• Економски показатели
• Здравствена заштита
• Сообраќај и мобилност
Европските градови доминираат
Според резултатите за 2026 година, првите три места ги заземаат европските градови Копенхаген, Хелсинки и Женева, кои се издвојуваат по високиот животен стандард, ефикасните јавни услуги и грижата за граѓаните.
Љубљана најдобра во регионот
Од поранешните југословенски земји, најдобро рангирана е Љубљана, која се наоѓа на 60. место во светот. Висок пласман има и Сплит, кој се најде на 183. позиција.
Во поширокиот регион како градови со висок квалитет на живот се издвојуваат и Дебрецин во Унгарија, Бургас и Варна во Бугарија, како и романската престолнина Букурешт.
Македонија не е меѓу рангираните градови
Во овогодишното рангирање не се најде ниту еден град од Македонија. Иако земјата не беше вклучена меѓу финалните рангирани урбани центри, индексот покажува дека градовите кои инвестираат во квалитетни јавни услуги, здравство, екологија и одржлива мобилност бележат највисоко ниво на задоволство кај своите жители.
