Ќе биде со далечинско управување - Скопје добива нов симбол! Кулата на Водно пред отворање
Актуелно

Ќе биде со далечинско управување - Скопје добива нов симбол! Кулата на Водно пред отворање

04. 06. 2026.

Скопје наскоро и официјално ќе добие современ објект со импозантна градба на падините на Водно - стратешка кула која е највисока во целата земја. Оттаму, се отвора една убава панорама на главниот град!

Телекомуникациската кула на Водно, еден од најзначајните инфраструктурни проекти во Скопје во последната деценија, влегува во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштена во употреба.

Кулата, чија изградба започна во 2013 година, ќе служи за пренос на радио и ТВ сигнали, мобилни комуникации и други телекомуникациски услуги, со што ќе се подобри покриеноста во Скопје и регионот. Од АЕК истакнуваат дека станува збор за стратешки објект кој ќе овозможи посовремена и поорганизирана телекомуникациска инфраструктура и подобра контрола на радиофреквенциите.

Според Орце Симов од АЕК, објектот е целосно автоматизиран и ќе функционира без постојана човечка екипа, со далечинско управување и минимално физичко присуство само за обезбедување и технички интервенции. Тој посочува и дека панорамскиот дел може да прерасне во туристичка атракција, слично на вакви објекти во други европски градови.

Пристап до кулата со возила нема да има – посетителите ќе можат да доаѓаат пеш, преку жичарницата или рекреативните патеки на Водно, додека паркингот е предвиден само за технички потреби.

Кулата е висока 155 метри и се наоѓа на надморска височина од 1.034 метри. Проектот, кој траеше повеќе од една деценија, вклучувал сложени градежни и технички предизвици, како и примена на современи инженерски решенија и тестирања што ја потврдиле стабилноста на конструкцијата.

Во моментов се спроведуваат завршни технички и административни процедури, по што се очекува добивање употребна дозвола и официјално пуштање во употреба, можеби и симболично околу 2 август.

Извор: skopjeinfo.mk