Секоја втора продавница работи без фискални!
Актуелно

Секоја втора продавница работи без фискални!

17. 04. 2026.

Неиздавањето фискални сметки, неевидентирањето на готовинскиот промет, плаќањето во готово и исплатата на плати во плик се само дел од неправилностите на кои континуирано укажува Управата за јавни приходи, УЈП, во рамките на борбата против сивата економија.

Во периодот од 9 до 27 март 2026 година, УЈП спровела вкупно 132 теренски контроли за проверка на фискализацијата, при што кај 58 објекти биле утврдени неправилности. Тоа значи дека дури 44 проценти од контролираните субјекти не ги почитувале законските обврски, односно речиси секој втор објект работел спротивно на правилата за издавање фискални сметки.

– Фактот дека речиси секоја втора контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавањето фискални сметки, укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува дека плаќањето во готовина и исплатата на плати во плик, практики што се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот – велат од УЈП.

Најголем број контроли биле извршени во трговските објекти – 63, потоа во угостителските – 39 и во услужните дејности – 30, што упатува дека институциите се фокусираат на секторите каде што најчесто се врши промет во готовина.

Географската распределба покажува дека се спроведувале контроли во целата држава, но со различен интензитет. Најмногу контроли имало во Скопје – 30, при што биле утврдени 9 неправилности, потоа  Охрид – 17 контроли и 6 неправилности и Куманово – 10 контроли и 7 неправилности. Со висок процент на утврдени неправилности се издвојуваат и Тетово, Делчево, Штип, Струга  и Виница, каде што во дел од случаите било регистрирано прекршување кај сите контролирани објекти.

Од УЈП информираат дека за утврдените неправилности се изречени 58 санкции, меѓу кои и мерки за привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на четири објекти.

Паралелно со контролите, значајна е и улогата на граѓаните. Во анализираниот период биле поднесени 145 пријави, од кои најголем дел, 128, преку електронска пошта, а 17 преку телефонската линија 198. Ова укажува на зголемена јавна свест и подготвеност за пријавување на нерегуларностите.

Борбата за спречување на сивата економија е еден од приоритетите на УЈП, а контролите за фискализација имаат цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис, нагласуваат од УЈП.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, неодамна изјави дека мерката  „Мој ДДВ“, која беше воведена како алатка во борбата против сивата економија, со тоа што граѓаните задолжително ќе бараат фискална сметки при пазарувањето, не го дава посакуваниот ефект.

– Сивата економија е комплексна појава и мерката „Мој ДДВ“ сама по себе не може да даде поголемо намалување на сивата економија. Потребни се повеќе мерки, во кои нема да бидат вклучени мерки само од УЈП, за да се влијае за нејзино спречување. Од контролите што ги правиме ние, има уште многу субјекти што не издаваат фискални сметки. А повратот на ДДВ, како поддршка на граѓаните, има бенефит за нив и останува да се применува – изјави Петрова.

Покрај неиздавањето фискални сметки, контролите покажуваат и други неправилности, како поседување фискален апарат без соодветна налепница, како и несоодветност меѓу пријавената адреса и фактичката локација на која бил затечен фискалниот апарат во текот на контролите.

Извор: vecer.press