Парното во Скопје повторно поскапува: Еве колку ќе изнесуваат сметките од 1 декември
Актуелно

Парното во Скопје повторно поскапува: Еве колку ќе изнесуваат сметките од 1 декември

27. 11. 2026.

Скопјани од 1 декември ќе плаќаат повисоки сметки за парно греење. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цената на топлинската енергија поради растот на цената на природниот гас.

За домаќинствата кои се снабдуваат со топлинска енергија преку ЕСМ, цената на парното греење ќе се зголеми во просек за 7,56 отсто.

За потрошувачите приклучени на мрежата на поранешната Топлана Север, со која сега управува компанијата „Енерџи Еколинк“, поскапувањето ќе изнесува 5,84 отсто.

Колку ќе изнесуваат новите сметки?

Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, просечната месечна сметка за парно греење ќе се зголеми за 188 денари, од досегашните 2.493 на 2.681 денар.

Зголемувањето од 7,56 отсто се однесува на домаќинствата опфатени со системите на ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика.

Новата одлука е донесена по поднесените барања на енергетските компании за промена на регулираниот максимален приход и ревизија на цената на топлинската енергија.

Последната цена беше утврдена во јули годинава, а стапи во сила на 1 август.

Со новото поскапување, грејната сезона продолжува со дополнителни трошоци за скопските домаќинства. Во главниот град, близу 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.