Компанијата Life at Sea Cruises прифаќа резервации за тригодишно крстарење за време на кое патниците ќе поминат речиси 210.000 километри со крузерот MV Gemini, кој ќе исплови од Истанбул на 1 ноември годинава.
За време на крстарењето патниците ќе посетат 375 пристаништа низ светот, односно 135 земји и сите 7 континенти и ќе имаат можност да видат бројни знаменитости меѓу кои статуата на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро, Таџ Махал во Индија, пирамидите во Гиза, Мачу Пикчу, Кинескиот ѕид и многу повеќе. Дел од крстарењето вклучува патувања до 103 тропски острови.

Од 375 пристигнувања во пристаништа, 208 ќе бидат ноќни, така што ќе има многу време за истражување и уживање.
Крузерот MV Gemini има 400 кабини и доволно простор за 1.074 патници, кои на располагање ќе имаат ресторани, работни и сали за состаноци, канцеларии, деловна библиотека, болница и бројни забавно-рекреативни содржини вклучувајќи базени, велнес центар и слично.
Услов за патувањето е патниците да потпишат тригодишно крстарење, но дозволено е два пара да изнајмат една кабина и да го споделат патувањето.
Божикните празници ќе се поминат во Бразил, а новогодишните во Аргентина. Крузерот ќе направи круг околу Јужна Америка, ќе ги посети Карибите, како и двата брега на Централна Америка. Исто така, предвидена е посета на западниот брег на Северна Америка, како и на Хаваите.

Патниците ќе имаат можност да ги посетат Јапонија, Јужна Кореја и Кина, Бали, Виетнам, брегот на Камбоџа, Сингапур и Куала Лумпур.

Планот за крстарење ги вклучува и Австралија, Нов Зеланд, Индија, Шри Ланка, Малдиви, Сејшели, Занзибар, Кејп Таун, Канарските Острови, Сввета Елена и Мадејра.

Медитеранот е исто така дел од патувањето, како и Северна Европа.

