Речиси секој втор Македонец пуши: Македонија на врвот на светската листа
Актуелно

Речиси секој втор Македонец пуши: Македонија на врвот на светската листа

29. 09. 2026.

Македонија е на првото место во светот според проценетиот процент на пушачи меѓу населението постаро од 15 години, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО) за 2025 година.

Според проценките, 39,5% од лицата над 15 години во земјава пушат, секојдневно или повремено. Станува збор за старосно стандардизирани и моделирани податоци, што овозможуваат споредба меѓу државите.

На второ место е Источен Тимор со 38,2%, а трет е Либан со 37,2%. Следуваат Бугарија и Србија со по 35,8%, додека Црна Гора е шеста со 33,6%. Хрватска има 32,2%.

Во Македонија проценетиот удел кај мажите е 43,6%, а кај жените 35,5%.

Националното истражување од 2023 година покажало уште повисоки бројки – 45,4% од полнолетните испитаници се изјасниле како тековни пушачи, а 42,4% како секојдневни пушачи. Овие резултати не се директно споредливи со проценката на СЗО поради различната методологија и возрасна група.

СЗО посочува дека пушењето останува сериозен јавно-здравствен проблем во земјата. Иако постои забрана за пушење во затворени јавни простори, оценката за нејзиното почитување во ресторани, кафулиња, пабови и барови е нула. Дополнително, нема бесплатна телефонска линија за стручна помош при откажување од пушење.