Занаетчиите уплашени, ако порасне минималецот ќе мора да ги затворат дуќаните
Актуелно

Занаетчиите уплашени, ако порасне минималецот ќе мора да ги затворат дуќаните

05. 02. 2026.

Растот на минималната плата на 600 евра, иако на прв поглед звучи како чекор кон подобар животен стандард, може да има сериозни последици за занаетчискиот сектор и малите бизниси. Наместо поголема сигурност за работниците, овој потег ризикува да предизвика затворање на дуќани, отпуштања и дополнително осиромашување на локалните заедници, алармира Занаетчиската комора.

Ако минималната плата се зголеми на 600 евра, тоа ќе донесе затворање на голем број занаетчиски дуќани и отпуштање вработени, предупреди денеска Занаетчиската комора од Скопје. Според Комората, минималната плата треба да се пресметува во согласност со законот. Ако се зголеми на 600 евра, тоа би значело голем удар поради драстичното покачување на трошоците за придонеси.

Ние не сме против зголемувањето на минималната плата, но тоа треба да биде издржано, врз основа на добра анализа. Занаетчискиот сектор не може да го издржи ова темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено треба да се земе предвид состојбата на занаетчиите што работат во помалите градови и руралните средини, каде што постои голема миграција и значително помала потрошувачка на занаетчиски производи и услуги. За да опстанат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање голем број занаетчиски бизниси – рече на прес-конференција претседателот на Занаетчиската комора – Скопје, Горан Ристовски.

Како што истакна Ристовски, зголемувањето на минималната плата на 600 евра директно ќе ги засегне занаетчиите што паушално плаќаат данок по решение од УЈП и занаетчиите што плаќаат данок по реално остварен приход.

Претседателот на Комората нагласи дека во Скопје има над 2.300 занаетчии, а на ниво на Македонија се речиси 8.000. Недостиг на работна сила има во сите сектори, но добро е – оцени Ристовски – што сè повеќе ученици се заинтересирани за дуално образование.

Извор: expres.mk