Колку чини да изнајмите викендица за 1-ви Мај?
Актуелно

Колку чини да изнајмите викендица за 1-ви Мај?

20. 04. 2026.

Ако за 1-ви Мај-Денот на трудот сакате да отидете во природа на излет и да изнајмите цела викендица во некое од туристичките места, ова задоволство ќе ве чини околу 100 евра.

Сопствениците на викендици во Охрид, Маврово, Кочани бараат по 100 евра на ден за изнајмување. Ова се однесува за викендици кои имаат капацитет да сместат 10 луѓе. Тие објаснуваат дека е добро ако гостите решат да останат повеќе од една ноќ, но на интернет има и огласи каде е наведено дека објектите ги издаваат за минимум две вечери. Луѓето кои ги издаваат викендиците велат дека е тешко да најдат чистачки, дел од заработката им се одлева за одржување на хигиената и затоа одат на таа варијанта, гостите да останат повеќе денови.

„Нема луѓе за чистење на објектите. Се трудиме посетите да траат неколку дена. Дневно изнајмувањето за целата викендица би чинело околу 100 евра. Значи може да се сместат максимум до 10 луѓе, сосе деца. Македонските туристи преферираат да бидат во центар, да бидат на 9-ти кат, а не во природа каде ќе имаат летниковец и убав поглед, за жал“, вели охриѓанец.

Газдите на викендиците објаснуваат дека често се флексибилни и се трудат да им излезат во пресрет колку што можат на посетителите.

„Значи може до 10 луѓе да се сместат, а цената би била околу 100 евра, односно по 10 евра на лице. Викендицата е опремена со кујна, со спални, има и две бањи. Повеќе интерес има за Нова година за сместување во викендицата. Повеќето викендици се со таа цена од 100 до 120 евра за изнајмување“, вели жена која поседува викендица во Маврово.

За изнајмување викендица на Попова Шапка ни одговорија дека цената би била 80 евра, за објект кој може да прими 6 или 7 лица.

За изнајмување на викендица во Берово со 8 легла цената е 80 евра. Но, газдите настојуваат престојот да биде барем со две ноќевања. Додаваат дека претходно се случувало луѓето да ја изнајмат викендицата за една или две седмици, нешто што е погодно за луѓето кои работат онлајн.

Ако сакате да изнајмите викендица во Претор, ќе треба да платите 40 евра на ден. Станува збор за викендица со 4 легла.

Во скопско Чучер Сандево, викендица која има капацитет да прими 30 луѓе, може да се изнајми за 150 евра по ден.

За изнајмување на викендица во скопско Ајватовци,  за 1-ви Мај бараат 200 евра од ноќ, а објектот има капацитет за 5 лица, но има и голем двор.

Цените зависат од големината на викендиците, локацијата, како се уредени и слично. Дел од газдите како адут го наведуваат и тоа што некои викендички се подалеку од куќите во населените места и велат дека тоа им нуди поголема комоција и приватност на гостите. Некои од луѓето кои ги контактиравме планираат да изградат базен во дворот на викендицата или да го збогатат просторот со нови содржини, со што во иднина ќе заработуваат повеќе од издавање.

Но, има и сопственици кои одлучиле за Денот на трудот да не ги издаваат викендичките, туку тие самите да одат таму  и да си прават скара. Некои пак ги издаваат само за Нова година и Божиќ, затоа што во тој период од годината има поголем интерес. Инаку, 1-ви Мај во согласност со Законот за празниците е неработен ден за сите граѓани.

Извор: faktor.mk