Наместо поквалитетен јавен градски превоз и олеснување за граѓаните, новиот возен ред предизвика неред и катастрофа. Граѓаните реагираат дека новиот возен ред воопшто не одговара на потребите на граѓаните, ниту наутро, кога одат на работа, ниту попладне, кога се враќаат од работа.
Велат дека е иста состојбата речиси на повеќето линии, поради што никаде навреме не може да се стаса. Некои од нив повикуваат и за потпишување петиција, која би ја доставиле до ЈСП.
– Конкретно „65-в“, кој сообраќа од Транспортниот центар до Инџиково во 6:00 часот наутро, го укинаа. Така што луѓето што се на работа од 7:00 часот мора да пешачат до населбата Ченто , а истото е и за враќање од работа, било за тие што работат до 15:00 часот било за тие што се на работа до 16:00 часот – се жали скопјанка.
Таа додава дека автобусите возат празни, а луѓето се принудени да се враќаат пеш и оти никој не се грижи за граѓаните.
Други, пак, реагираат поради укинувањето на линијата „26“, за која велат дека била единствената што ја поврзувала населбата Железара со Бутел 2, потоа Бит-пазар, Центар и Карпош.
– Со децении постојната линија прво ја проретчивте, па потоа сосема ја укинавте. И не е точно дека била нерентабилна, затоа што анкетите и снимањата на бројот на патници покажуваат дека е економски исплатлива многу повеќе од други линии во градот – тврди жител.
Трети, пак, додаваат дека и линијата „3-б“ е катастрофа, бидејќи во пладневните часови, кога е потребна за на училиште и за на работа, ја има, како што велат, речиси на два часа.
– Од лошо полошо направија – смета граѓанин.
Некои велат дека е иста состојбата и со линиите „62“ и „52“, но и со „63“.
– Истото го направија и со линијата „63“. Цела зона останува до 15:30 часот без превоз за 5 минути разлика што ја поместија „63“. Катастрофа! – реагираат граѓани.
Поради тоа, некои предлагаат да се врати стариот возен ред.
Од ЈСП нагласуваат дека е изработен новиот возен ред врз основа на анализи за користењето на линиите, реалните можности на возниот парк и доставените барања од корисниците и од институциите.
– Континуирано се следи состојбата на терен и сите основани реакции и потреби на граѓаните ќе бидат земени предвид при евентуални идни измени и приспособување на возниот ред – одговорија од ЈСП.
Притоа, информираат дека линијата „26“ во изминатиот подолг период не сообраќала.
– Во моментов се прават анализи на терен и во најкраток временски период таа повторно ќе биде пуштена во функција. Кај линијата „3-б“, извршени се одредени измени согласно со барањата и потребите од средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“. Во однос на линијата „65-в“, има одредено редуцирање согласно со потребите на граѓаните – тврдат од ЈСП.
Инаку, новиот возен ред беше изгласан од градските советници во март годинава, а стапи на сила на 4 април.
Тогаш дел од советниците имаа забелешки за предложениот возен ред и беше укажано дека треба да се менува и возниот ред, но по советување со граѓаните, да се слушнат нивните потреби, дури и за поставување нови постојки.
– Со измените се врши усогласување на возниот ред со одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници во градот Скопје, со цел унапредување на организацијата и на ефикасноста на јавниот превоз – соопштија тогаш од претпријатието.
