Жичницата и понатаму надвор од функција – сервисот сè уште не е направен
Актуелно

Жичницата и понатаму надвор од функција – сервисот сè уште не е направен

25. 06. 2026.

Скопјани, туристите и останатите посетители засега ќе мора да ги користат постојните пристапни патишта за да стигнат до Милениумскиот крст, бидејќи жичницата на Средно Водно сè уште не е вратена во функција.

Од ЈСП „Скопје“, кое стопанисува со жичницата, велат дека во тек се сите законски предвидени постапки за реализација на редовниот сервис.

„Безбедноста на патниците е наш приоритет, поради што сите активности се спроведуваат согласно со важечките прописи и технички стандарди“, велат од ЈСП.

Од претпријатието засега не можат да прецизираат кога сервисирањето ќе заврши, но посочуваат дека очекуваат постапката да биде реализирана во најкус можен рок, согласно законските процедури.

Во однос на трошоците, од ЈСП велат дека конечната вредност на сервисот и начинот на обезбедување на средствата ќе бидат познати по завршувањето на постапките.

Додека жичницата не работи, посетителите на Средно Водно и Милениумскиот крст можат да ги користат постојните пристапни патишта.

На почетокот на минатиот месец, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека по контролата извршена од компанијата што ја изградила жичницата, било констатирано дека таа е во многу лоша состојба и дека се очекува понуда за сервисирање и дефектажа.

Тој тогаш нагласи дека не може да се прогнозира кога жичницата повторно ќе биде ставена во функција, додавајќи дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом бидат познати цената, рокот и обемот на потребните работи.

„Безбедноста на граѓаните е приоритет и жичницата нема да биде пуштена во употреба додека целосно не се отстранат сите недостатоци и не се обезбедат услови за безбедно користење“, изјави Ѓорѓиевски, посочувајќи дека при инспекцијата биле утврдени бројни проблеми кои бараат сериозен сервис.

Жичницата беше затворена на 25 април со првична најава од ЈСП дека нема да работи два дена. Сепак, по проверките што ги изврши тимот на австрискиот производител „Допелмаер“, градските власти одлучија таа да не биде повторно пуштена во употреба сè додека не се заврши сервисирањето.

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена од австриската компанија „Допелмаер“ и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011 година. Инвестицијата чинеше 6,7 милиони евра. Системот располага со 28 кабини со капацитет од осум патници, две ВИП-кабини за по четири лица, а гондолите се опремени и со држачи за велосипеди.

Извор:skopjeinfo.mk