Колкав процент од Македонците трпеле стрес на работното место?
Актуелно

Колкав процент од Македонците трпеле стрес на работното место?

29. 04. 2026.

Во Македонија 27 отсто од вработените се изјасниле дека доживеале стрес претходниот ден. Ова се податоци на Галуп кои се прибирани лани, а се објавени во април годинава. Повеќето земји од регионот дури се во полоша состојба од Македонија на ова рангирање.

Направивме анкета со работници и тие велат дека во одреден период се соочиле со стрес на работното место. Додаваат дека стресот е неминовен во денешно време, но човек треба да се научи да се носи со него.

Кога одев на работа бев под стрес. Размислував дали ќе стигнам навреме, дали ќе ги завршам обврските како што треба, дали добро ќе се покажам“, вели Сара Димитриовска, млада девојка.

Друга жена објаснува дека на едно работно место имало вистинска колегијалност, но на друго место трпела стрес.

Работев долги години во една фирма, бевме колегијални и до ден денес се гледаме и слушаме со колегите. Потоа две години работев во приватна фирма, беше напнато, дури имаше и навреди, но морав да издржам, немав избор“, додава повозрасна кумановка.

Луѓето објаснуваат дека е голем бројот на работни места каде има стрес и токсична средина.

Трпат стрес на секој чекор, а колегијалност денес нема“, рече Лидија Максимовска, граѓанка.

Според Галуп, 22 отсто од вработените во Македонија претходниот ден чувствувале лутина, а 11 отсто одговориле дека се чувствувале тажно на работното место.

Веројатно во приватниот сектор притисокот е поголем и очекувањата се поголеми, меѓутоа има и фирми кои внимаваат на менталното здравје на своите вработени и организираат работилници кои им помагаат на работниците да се растеретат од доживеаниот стрес, а со тоа се создава кохезија и се надминуваат тешкотиите. Еден од начините за помош е баш тоа, тие почести средби и разговори, заеднички дружби, споделување на тешкотиите, изнаоѓање на решение. Одредени компании тоа го прават, тоа им е пракса, но во други воопшто не се земаат предвид овие права и менталната состојба на вработените. Луѓето имаат поплаки дека често се соочуваат со стрес. Најголем дел од стресот се случува баш на работното место, затоа што луѓето една третина од денот го поминуваат на работа. Стресот потоа го пренесуваат на семејството и тоа влијае на целокупниот живот“, вели психологот Наташа Дамјановска.

За споредба, во Србија 31 отсто од работниците се изјасниле дека трпат стрес. Ист е процентот на работници кои се под стрес и во Босна и Херцеговина(БиХ).

Во Хрватска, според Галуп, лани под стрес биле исто 31 отсто од работниците. Во Словенија дури 40 отсто од работниците се пожалиле на стрес. Во Црна Гора, 25 отсто од вработените трпеле стрес. Во Албанија 39 отсто од работниците се соочиле со стрес. Во Косово 32 отсто од работниците лани биле под стрес. Во Бугарија исто така, 32 отсто од работниците се пожалиле на стрес. 

Во Грција дури 61 отсто од анкетираните работници рекле дека претходно се соочиле со стрес. 

Извор:faktor.mk