На почетокот на годината имав добра намера почесто да вежбам тренинг за сила и да го завршам предлогот за нова книга, но другите обврски брзо добија предност.
Како што влегувам во втората половина од годината, сè потешко ми е да најдам мотивација повторно да им се посветам на тие цели. Животот е динамичен, а започнувањето на една работа често значи откажување од некоја друга.
Ако и вашите новогодишни одлуки полека паѓаат во заборав, не сте единствени. Иако почетокот на годината е најпопуларното време за донесување одлуки и менување навики, истражувањата покажуваат дека можеме да си дадеме поттик за нови цели во кој било период од годината. Токму создавањето нови навики ги зголемува шансите тие цели навистина да ги оствариме.
Како да донесете одлуки што ќе траат?
Четворица експерти со кои разговарала авторката сметаат дека клучот е во искористувањето на таканаречениот „ефект на нов почеток“, заедно со развивање добри навики и поставување реални цели. Заедно, овие стратегии можат да поттикнат трајни промени.
Искористете го ефектот на „нов почеток“
За да направиме значајни промени, најпрво треба да си поставиме цел.
Истражувањата покажуваат дека многу новогодишни одлуки завршуваат со разочарување, а според некои извори, дури 92% од луѓето никогаш не ја остваруваат целта што си ја поставиле.
Сепак, професорката по бихејвиорална економија на Универзитетот во Пенсилванија, Кејти Милкман, авторка на книгата How to Change, смета дека овој податок е донекаде погрешно претставен.
Според неа, бидејќи огромен број луѓе се обидуваат да го променат својот живот токму на почетокот на годината, стапката на неуспех изгледа поголема отколку што навистина е.
Едно поново истражување во САД покажало дека 87% од луѓето успеале да задржат барем дел од своите одлуки неколку недели по почетокот на годината, додека само 13% целосно се откажале. Во Велика Британија, 38% од испитаниците ги оствариле сите цели што си ги поставиле за 2025 година, а дополнителни 33% реализирале барем дел од нив.
Ова покажува дека целите поврзани со одреден временски момент можат да бидат многу ефикасни.
Но, за тоа не е потребен 1 јануари.
Средината на годината е подеднакво добар момент за нов почеток. Всушност, секој датум што има лично значење – почетокот на неделата, роденден или првиот ден на пролетта – може да нè направи поотворени за промени.
Милкман до овој заклучок дошла анализирајќи пребарувања на веб-страница за поставување цели. Таа и нејзиниот тим забележале дека пребарувањата како „диета“ или „теретана“ нагло се зголемуваат на почетокот на неделата, почетокот на месецот или на почетокот на учебната година.
Најважно е што не мора да чекате „совршен момент“. Можете сами да одредите датум што за вас ќе претставува нов почеток.
Нејзините истражувања покажуваат дека луѓето биле помотивирани да започнат со остварување на своите цели кога одреден датум го доживувале како почеток на нов период (на пример, првиот ден на пролетта), наместо како обичен понеделник.
Ваквите симболични почетоци ни помагаат психолошки да се оддалечиме од претходните неуспеси.
„Во моментите што ги доживуваме како нов почеток, чувствуваме дека сме се одвоиле од личноста што сме биле претходно. Тоа поглавје е завршено, а новото штотуку започнува“, вели Милкман.
Истрајноста создава навики
Иако ефектот на нов почеток може да нè поттикне, добрите навики се тие што ја одржуваат промената на долг рок.
За разлика од целите, кои бараат постојан свесен напор, навиките најчесто се одвиваат автоматски како одговор на одреден поттик, објаснува професорот по психологија на Универзитетот во Сари, Бенџамин Гарднер.
Тоа може да биде нарачување исто кафе секое утро или вежбање 20 минути пред појадок. Предноста на навиките е што ја намалуваат потребата од постојана самоконтрола.
„Навиките ни овозможуваат повторно и повторно да го правиме она што го сакаме, без постојано да размислуваме за тоа“, вели Гарднер.
Сепак, за нивно создавање е потребна истрајност. Во просек, потребни се околу 66 дена за одредено однесување да стане навика, иако тој период може да трае од 18 до дури 265 дена, во зависност од активноста.
Редовните посети на теретана, на пример, најчесто стануваат рутина дури по околу шест месеци.
Заменете ги лошите навики со подобри
Еден од начините да ги зголемите шансите за успех е да си поставите поедноставни цели.
Во едно истражување научниците следеле луѓе кои воведувале нови секојдневни навики, како трчање, јадење овошје или правење стомачни вежби.
Се покажало дека едноставните активности, како пиење чаша вода секој ден, многу полесно стануваат навика отколку позахтевните задачи, како правење 50 стомачни вежби дневно.
Подеднакво важно е да се ослободите од навиките што ве кочат.
Гарднер смета дека тоа е тешко, но дека лошата навика може да се замени со нова.
Авторката на текстот наведува сопствен пример: кога шест недели целосно го исфрлила шеќерот, секојдневното благо го заменила со поздрава ужина, сè додека желбата за шеќер не исчезнала.
„Ако лошата навика директно ја замените со добра, со текот на времето токму новата навика ќе стане автоматска реакција наместо старата“, објаснува Гарднер.
Истражувањата покажуваат дека на луѓето им е полесно да усвојат нова навика отколку едноставно да си забранат стара.
Како да создадете нова навика
- Поставете јасна цел што сакате да ја постигнете.
- Изберете едноставна активност што ќе ве води кон таа цел.
- Одлучете кога и каде ќе ја извршувате и придржувајте се до тој план.
- Секојпат кога ќе се најдете во тоа време и на тоа место, направете ја планираната активност.
- По околу десет недели, активноста ќе стане речиси автоматска.
Засакајте го процесот, а не само целта
Иако новиот почеток може да ни даде силен бран мотивација, долгорочниот успех зависи од тоа дали ќе избереме цели во кои навистина уживаме.
Едногодишно истражување во САД, во кое биле опфатени повеќе од 2.000 луѓе, покажало дека испитаниците кои се радувале на секојдневните активности поврзани со својата цел многу почесто истрајувале и успешно ги реализирале своите планови.
