Летување со деца? Еве што задолжително треба да содржи патувачката аптека
Актуелно

Летување со деца? Еве што задолжително треба да содржи патувачката аптека

14. 07. 2026.

Педијатрите советуваат антибиотик да не се носи „за секој случај“, туку исклучиво по препорака од лекар.

Летните одмори се време кога многу семејства заминуваат на патување со своите најмлади, а една од најважните подготовки е добро организирана патувачка аптека. Иако многу родители сакаат да бидат подготвени за секоја ситуација, педијатрите предупредуваат дека антибиотик не треба да биде дел од аптеката доколку не е препишан од лекар.

Според д-р Валентина С. Ливринска од ПЗУ „Др. Ливринска“, во пресрет на летната сезона сè почесто има родители кои бараат антибиотик „за секој случај“, но ваквата практика не е препорачлива.

„Родителот не може самостојно да процени дали детето има бактериска инфекција, кој антибиотик е соодветен и во која доза треба да се примени. Затоа антибиотиците никогаш не треба да се користат без претходен лекарски преглед и препорака“, нагласува таа.

Што треба да има во патувачката аптека?

Наместо антибиотик, педијатрите советуваат да се понесат основните препарати кои можат да помогнат при најчестите здравствени проблеми што се јавуваат за време на патувањата.

Лекови за температура и болка

Во аптеката задолжително треба да има сируп или друг препарат со парацетамол или ибупрофен за намалување на температурата и ублажување на болката. За деца кои претходно имале фебрилни конвулзии, по препорака од лекар, се советува да се понесат и супозитории со дијазепам.

Антихистаминици

При каснување од инсекти или појава на алергиска реакција, корисно е да се има сируп со антихистаминик, како и крем или маст за смирување на чешањето и иритацијата.

Пробиотици

Пробиотиците може да се започнат неколку дена пред патувањето, да се користат за време на одморот и краток период по враќањето. Тие можат да помогнат во намалување на ризикот од патничка дијареја и стомачни инфекции.

Електролити

Поради високите температури, повраќање или пролив, децата брзо можат да изгубат течности. Електролитните раствори се важен дел од патувачката аптека бидејќи помагаат во надоместување на изгубените минерали и течности.

Крема за заштита од сонце

За време на летниот одмор задолжително користете крем со заштитен фактор SPF 50+, особено кај децата. Бебињата помлади од шест месеци не треба да бидат изложени на директно сонце, а кај повозрасните се препорачуваат препарати со висок заштитен фактор, по можност со минерални филтри.

Педијатрите потсетуваат дека УВА-зраците можат да предизвикаат трајни оштетувања на кожата, бидејќи продираат и низ стакло, чадори и сенка, па затоа заштитата од сонце е неопходна.

Средства против инсекти

Репелентите се препорачуваат особено при престој во природа или во места каде има многу комарци. Може да се изберат синтетички препарати или природни производи на база на етерични масла, кои се поблаги, но бараат почесто нанесување.

Не заборавајте и на приборот за прва помош

Освен лековите, патувачката аптека треба да содржи и топломер, стерилни гази, антисептик за дезинфекција на рани, лепенки и други основни средства за прва помош.

Добро подготвената патувачка аптека може значително да помогне при помали здравствени проблеми за време на летувањето, но не може да биде замена за лекарски преглед кога детето има сериозни симптоми или неговата состојба се влошува.

Со добра подготовка, родителите ќе можат да уживаат во побезгрижно летување, а патувачката аптека да остане само дополнителна сигурност – без потреба да се користи.

Извор: lokalno.mk