Кој доби повисока плата во април?
Актуелно

Кој доби повисока плата во април?

04. 04. 2026.

Вработените во државната администрација, во судовите и во правосудните органи, како и работниците во компаниите што имаат потпишано колективни договори, добија зголемување на платите.

Со 60. поединечни колективни договори што ги потпиша УПОЗ со институциите од јавниот и од државниот сектор, 11 илјади вработени веќе добија зголемени плати. Вработените во овие институции, освен усогласување на платите согласно со Законот за минимална плата, добија и зголемување на платите за 7 отсто. Освен оваа година. административните службеници ќе добијат зголемување на платите по  7 отсто во март 2027 и 2028 година. Според тоа, зголемувањето на платите за две години треба да изнесува околу 42-43 проценти.

– Вработените во државната администрација, во судовите и во правосудните органи добија усогласување и зголемување на платите за 7 отсто. Освен овие работници, зголемени плати за 5 до 8 отсто во април добија и вработените во компаниите во кои има потпишано колективни договори. Со тоа, во големите компании речиси веќе и да нема работници што се на минималец. Останува уште занаетчиите и самостојните вршители на дејност да ја зголемат платата на над минималната – изјави за весникот ВЕЧЕР Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Тој додава дека барањето на синдикатите е 600 евра минималец и 100 евра зголемување на сите други плати.

– Минималната плата, која се зголеми за 1.667 денари во март, се објави во „Службен весник“, без согласност на Сојузот на синдикатите. На последната седница на Економско-социјалниот совет, синдикатите ја напуштија седницата и како минатата година така и оваа година минималецот се донесе спротивно на одредбата на Деловникот  – посочи Деаноски.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека со овие колективни договори, административните службеници за две години ќе имаат зголемување на платите од 42 до 43 проценти.

– Тоа значи дека зголемувањето оди номинално, за секоја година седум проценти на платата, но е врзано со основицата на платата, плус зголемувањето и растот на минималната плата. И тоа потоа се зголемува за седум проценти. Пресметките се дека минималната плата во следните години, исто како и оваа година, ќе расте негде околу шест проценти, сега е над шест. Така што оваа година веќе имаме речиси 14 проценти зголемување на основната плата на вработените. Значи, не се седум проценти, туку вкупно 14, двојно ако се земе предвид и зголемувањето на минималната плата – смета Јовевски.

Ако се стави тоа во една прогресија за следната 2027 и за 2028 година, како што вели, ќе се види дека сега имаме 14 проценти, потоа во 2027 година ќе има 13 проценти, може и повеќе, но и во 2028 година, исто така, 13 проценти.

– Значи, вкупно 26 проценти и овие 14 од сега, тоа се веќе 40 проценти и основицата ви се зголемува секоја година. Со самиот раст оваа година, пресметката за следната година на која ќе се засметува минималната плата и покачувањето ќе биде повисока во старт, бидејќи еве сега имаме покачување од речиси 14 проценти. Така што уште за два или три проценти се зголемува самата основица за овие години. Зголемувањето е, би рекол, очигледно, забележливо, ќе има ефект и е нешто што се нема случено досега на ваков начин во државата Македонија, зборувам од осамостојувањето, па до денес – потенцира Јовевски.

Од друга страна, работниците што се на минималец добија зголемени плати за 1.667 денари. Тоа значи дека во државата веќе нема пониска плата од законски утврдениот минималец, односно од 26.046 денари.

– Нема поголемо зголемување на минималецот од законското усогласување од 1.667 денари. Во некои компании ќе се зголемат платите, а во некои не. Во секоја фирма различно, во зависност од тоа како е договорено во колективниот договор. Таму каде што има синдикат, ќе има зголемување и на другите плати – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Економските експерти велат дека минималната плата заглавила меѓу можностите на работодавците и потребите на работниците. Според работодавците, клучот на проблемот е што не може да се очекува решение онаму каде што има спротивставени интереси. Така што придонесите за минималец од  26.046 денари изнесуваат 12.461 денари, што е голем трошок за некои работодавци.

– Ние плаќаме и високи придонеси за пензиско и здравствено осигурување, кои изнесуваат околу 50 отсто и треба да се намалат. Земјите од регионот плаќаат пониски придонеси, кои се движат од 15 до 30 отсто – изјави Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, за весникот ВЕЧЕР.

Според експертите, административното покачување на платите што го бараат синдикатите нема економска логика и тешко може да се оствари. Во државата, 97 отсто се микро и мали претпријатија и ако ја зголемат минималната плата, тоа сериозно ќе им се одрази на работењето. Така, на пример, една фирма што има 10-мина вработени, само за придонеси дава 130 илјади денари месечно, а за цела година треба да издвојат милион и пол само за државата.

Инаку, според последните податоци од Управата за јавни приходи, 154.408 работници земаат плата под 30 илјади денари, 204.573 работници земаат од 30 илјади до просечна плата и 144.050 земаат плата над просечната.

Извор: vecer.press