Централниот настан ќе се одржи во Музејот на современата уметност, а ќе присуствува и премиерот на Косово, Албин Курти.
Мајка Тереза е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица Поп Кочина број 14, на местото каде што денес се наоѓа плоштадот Македонија. Таа била најмладото дете во семејството и имала сестра Ага и брат Лазар.
На 12-годишна возраст почувствувала повик да му го посвети животот на Бога, а шест години подоцна го напуштила Скопје и заминала за Даблин, Ирска.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за нејзината хуманитарна работа и помошта што им ја давала на сиромашните, болните и најранливите.
Мајка Тереза починала во Колката на 5 септември 1997 година. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја прогласил за блажена, а во 2015 година Ватикан го признал и второто чудо поврзано со неа.
На 4 септември 2016 година, папата Франциско ја канонизирал Мајка Тереза на свечена церемонија на плоштадот Свети Петар во Ватикан.
