ЕУ го казни „Алиекспрес“ со 550 милиони евра
Актуелно

ЕУ го казни „Алиекспрес“ со 550 милиони евра

20. 07. 2026.

Европската комисија ѝ изрече рекордна казна од 550 милиони евра на трговската платформа „Алиекспрес“ поради продажба и промоција на забранети производи, вклучително и фалсификати, опасни играчки и козметика.

Фалсификувана брендирана облека, небезбедни играчки и опасна козметика: Поради продажба на нелегални производи, Европската комисија ѝ изрече казна од 550 милиони евра на кинеската онлајн трговска платформа „Алиекспрес“. Платформата, како што се вели, не успеала да „преземе ефикасни мерки за намалување на ризикот од ширење на забранети производи“.

„Ризиците мора систематски да се идентификуваат и да се решаваат“, изјави еврокомесарката за дигитални прашања Хена Виркунен. ЕУ бара од „Алиекспрес“ „да преземе соодветни мерки“.

Брисел ја обвинува онлајн платформата дека не ангажирала доволно персонал за проверка на производите. Според висока претставничка на Комисијата, контролорите понекогаш имале само 10 до 20 секунди за да проверат еден производ.

Освен тоа, според соопштението на ЕК, системите за препораки и рекламирање на веб-страницата им препорачувале на клиентите нелегални производи. И покрај напорите на компанијата, на корисниците од ЕУ им биле препорачани „речиси 15 милиони забранети производи“ на платформата, изјави портпарол на Комисијата.

Компанијата ја оцени казната како „непропорционална“

Компанијата соопшти дека „не се согласува“ со одлуката на Комисијата. Во соопштението се наведува дека казната не ги одразува „значителните“ подобрувања што „Алиекспрес“ ги направила во намалувањето на ризиците и безбедноста на производите. „Внимателно ја разгледуваме одлуката и ги разгледуваме сите достапни опции“, се вели од компанијата.

На „Алиекспрес“ се продаваат производи од кинески компании, а најважен пазар за продажба е Европската Унија. Платформата има вкупно 193 милиони корисници. Компанијата е дел од групацијата „Алибаба“, чиј промет во 2025 година изнесувал околу 122 милијарди евра.

-„Алиекспрес“ сега има рок до 20 октомври да достави план за мерки. Доколку не ги исполни барањата на ЕУ – ѝ се закануваат дополнителни казни.

Извор: slobodenpecat.mk