Сепак, тој премин не мора да биде нагол.
Најголемите замки
Всушност, начинот на кој се враќаме на работа често одредува каква ќе ни биде остатокот од неделата, па дури и целиот месец.
Најголемата замка на првиот работен ден е желбата веднаш да надоместиме сè што сме пропуштиле. Inbox полн со непрочитани пораки и чувството дека сме „испаднале од ритам“ лесно нè вовлекуваат во претерување, но токму тогаш е поважно да застанеме за момент и да согледаме што навистина е важно. Не секој мејл е итен, ниту секоја задача бара реакција истиот ден. Кратка пауза за планирање може да заштеди часови хаотична работа.
Ресет на фокусот
Празниците, колку и да се кратки, имаат уште една важна улога – го ресетираат фокусот. По пауза, полесно забележуваме што ни е вистински приоритет, а што сме правеле по инерција. Тоа е добра прилика да не се вратиме целосно на истите навики, туку да промениме нешто, барем минимално. За некои тоа значи појасно поставување граници во комуникацијата, за други – конечно воведување кратки паузи или поинакво распоредување на обврските во текот на денот.
Важно е и да си дадеме малку простор повторно да „фатиме ритам“. Никој не се враќа од одмор со полна брзина, и тоа е сосема во ред. Наместо првиот ден да биде преполн со состаноци и рокови, често е попродуктивно да го искористиме за организација, преглед на обврските и поставување реални очекувања.
На крај, можеби најкорисно е празниците да не ги гледаме како прекин на работата, туку како нејзин составен дел. Тој мал одмак често е токму она што ни е потребно за да се вратиме посмирени и со повеќе енергија. А ако во тој процес успееме да задржиме барем дел од тој помирен ритам – можеби од празниците сме понеле нешто повеќе од убави спомени.
