Гардероба што не дише – што всушност носиме на себе?
Актуелно

Гардероба што не дише – што всушност носиме на себе?

14. 04. 2026.

На прв поглед – памук. На допир – меко, лесно, пријатно. На етикетата – „природно“, „удобно“, „квалитетно“. А кога ќе ја свртиш, ситно, речиси срамежливо, стои нешто сосема друго: полиестер 65%, еластан 30%, вискоза 5%. Пластика, само убаво спакувана.

Гардеробата што денес се продава во продавниците, од бутици до трговски центри, сè помалку има врска со материјалите што ги носеа нашите родители. Памукот, волната, ленот – стануваат реткост или луксуз. Наместо тоа, полиците се полни со синтетика, која изгледа добро додека не ја облечеш трет или четврти пат.

„Луѓето мислат дека купуваат квалитет, а реално купуваат дериват на нафта“, вели еден познавач на текстилната индустрија. „Полиестерот е практично пластика. Само што е претворен во влакно и обоен“.

Причината е едноставна – цена и профит. Производството на синтетички материјали е далеку поевтино од природните. Не бара исто одгледување, не зависи од временски услови, не бара сложена обработка. Фабриките можат да произведуваат огромни количини за кратко време, со минимални трошоци.

А на крајот, во продавница, цената не е баш „пластична“. Напротив.

Маички од полиестер се продаваат по 800, 1.200, па и 2.000 денари. Јакни со висок процент на синтетика достигнуваат и неколку илјади денари. Потрошувачот плаќа како за природен материјал, а добива нешто што, буквално, не дише.

И тука почнува проблемот.

Телото реагира. Потење, непријатен мирис, чувство дека кожата не може да „дише“. Некои луѓе дури добиваат и иритации. Особено во лето, кога температурите растат, синтетиката станува неподнослива.

„Природните материјали апсорбираат влага и дозволуваат кожата да дише. Синтетиката ја задржува топлината и влагата“, објаснуваат експерти од областа на текстил. „Тоа не е само прашање на удобност, туку и на здравје“.

Но, приказната не завршува тука.

Секое перење на ваква гардероба ослободува микропластика. Невидливи честички кои завршуваат во водата, реките, храната. На крајот – повторно кај нас. Тивок круг што ретко кој го спомнува кога купува нова маица на попуст.

И покрај сè, продажбата расте.

Причината е комбинација од маркетинг и навика. Етикетите се дизајнирани да звучат „природно“. Ткаенините се обработуваат така што на допир потсетуваат на памук. Боите се живи, кројките модерни. Купувачот гледа стил, не состав. А и ретко кој чита што пишува со ситни букви.

„Луѓето повеќе гледаат цена и изглед. Составот е последна работа што ја проверуваат“, вели трговец со долгогодишно искуство. „А таму е целата вистина“.

Има и друга страна. Брзата мода. Гардероба што се носи кратко, па се фрла. Не затоа што мора, туку затоа што така сме навикнати. Ново, поевтино, побрзо. Круг што ја храни индустријата.

Во таа игра, квалитетот не е приоритет. Изгледот е.

Проблемот е што оваа „пластична“ гардероба не само што не трае, туку и создава лажна перцепција. Луѓето мислат дека нормално е маица да се деформира по неколку перења. Дека е во ред да се испоти кожата веднаш штом ќе излезеш надвор. Дека тоа е „стандард“.

А не е.

Постарите генерации уште се сеќаваат на облека што траела со години. На кошули што се перат десетици пати и пак изгледаат како нови. Денес, такви парчиња има – но се ретки и обично поскапи.

Па изборот е јасен, ама не е лесен.

Да платиш повеќе за природен материјал или да земеш нешто поевтино што ќе го носиш кратко. Да читаш етикети или да веруваш на изглед. Да избереш удобност или тренд.

Во меѓувреме, продавниците се полнат. Нови колекции, нови попусти, нови „must-have“ парчиња. Сè изгледа свежо, модерно, примамливо.

Само што под површината… истото. Пластика, само убаво спакувана.