Овој модел, познат како динамично формирање на цени, одамна се користи кај авиокомпаниите, а сè почесто станува стандард и во хотелската индустрија. Тоа значи дека две лица кои бараат исто сместување, во ист хотел и за ист датум, не мора секогаш да ја видат истата цена.
Цената може да се промени во зависност од тоа колку луѓе во моментот го разгледуваат сместувањето, колку соби останале слободни, дали датумот е популарен, дали станува збор за викенд, празник или туристичка сезона, но и дали корисникот веќе претходно ја посетил истата страница.
Колку е поголема побарувачката, толку е поголема можноста цената да порасне. Ако системот забележи помал интерес, цената може да се намали. Но, кај популарните дестинации и термини, алгоритмите често ја користат итноста на купувачот и неговото повторно враќање на платформата како сигнал дека е блиску до резервација.
Вештачката интелигенција оди и чекор понатаму. Таа може да го анализира профилот на потенцијалниот гостин, неговите претходни пребарувања, интереси и навики. На пример, дали бара мирен одмор, активен туризам, дополнителни содржини, спа-услуги, паркинг, појадок или семејни пакети.
Врз основа на тие податоци, системите се обидуваат автоматски да понудат пакет што најмногу одговара на корисникот, но и да му продадат дополнителни услуги кои не се поврзани само со ноќевањето. Така, крајната цена може да биде повисока не само поради собата, туку и поради дополнителните понуди што платформата проценува дека корисникот е подготвен да ги плати.
Особено интересен е моментот кога корисникот ја напушта страницата и се враќа по извесно време. Кај дел од платформите, повторното враќање може да биде протолкувано како сигнал дека одлуката за резервација е речиси донесена. Во такви ситуации, цената може да биде повисока за неколку евра, а понекогаш и за десетина евра или повеќе.
Тоа е доволно мал износ за многу корисници да не се откажат од резервацијата, но доволно значаен за платформите и хотелите кога се применува на голем број резервации.
Колку повеќе податоци имаат платформите за корисниците, нивните навики и сместувачките капацитети, толку попрецизно можат да ја прилагодуваат цената. Затоа експертите предупредуваат дека современото онлајн резервирање повеќе не е само едноставно споредување на понуди, туку систем во кој алгоритмите постојано проценуваат колку сте заинтересирани и колку сте подготвени да платите.
