А тоа, за македонски стандард, не е малку. Напротив. За многу семејства тоа се две плати. Некогаш и повеќе.
„Не е проблем детето да има убава вечер. Проблем е што сè излезе од контрола“, велат родители кои веќе ги пресметуваат трошоците за матурската прослава. Според нив, она што порано било свечен чин, денес сè повеќе личи на натпревар. Кој ќе има поскап фустан, кој подобар костум, кој ќе дојде со поскапа шминка, фризура, нокти, фотограф, автомобил, ресторан, афтер-парти…
И така, една вечер станува цел проект.
Најголемиот трошок најчесто почнува од облеката. Фустаните за матурантки, според родителите, ретко се под 200 евра, а оние „посвечените“ лесно стигнуваат до 400 или 500 евра. На тоа се додаваат чевли, чанта, накит, шминка, фризура, маникир, третмани. Кај момчињата сметката не е многу полесна. Костум, кошула, чевли, ремен, фризер. Сè изгледа како ситница додека не се собере.
„Кога ќе почнеш да плаќаш дел по дел, мислиш дека ќе поминеш поевтино. Ама на крај сфаќаш дека си дал плата и пол, а уште не е платена ни вечерта во ресторан“, вели татко на матурант.
Рестораните, исто така, си имаат своја цена. Менијата, музиката, организацијата, фотографиите, снимките, превозот. Потоа доаѓаат и дополнителните трошоци што никој не ги става во првата пресметка: подарок за класниот раководител, албуми, проби, дневни излегувања, па дури и пари за славење по официјалниот дел.
Родителите признаваат дека најтешко им паѓа притисокот врз децата. Никој не сака неговото дете да се чувствува „помалку вредно“ од другите. Никој не сака матурантот да биде тој што ќе се појави со поевтин костум, со едноставен фустан или без професионална шминка. И тука почнува вистинскиот проблем. Не е секогаш прашање на потреба, туку на споредба.
„Децата гледаат едни од други. Ако една девојка оди на шминка од 100 евра, другата не сака да оди кај комшивката за 20 евра. Ако некој доаѓа со скап автомобил, и другите сакаат нешто слично. Родителите на крај попуштаат“, објаснуваат познавачи на оваа тема.
Матурската вечер, според нив, сè повеќе се претвора во социјален притисок, а помалку во прослава. Фотографијата стана поважна од споменот. Објавата на социјалните мрежи понекогаш е поважна од самата вечер. Сè треба да изгледа беспрекорно. Да блесне. Да личи на нешто „големо“.
А зад тоа големо, често има кредитна картичка.
Некои родители велат дека штеделе со месеци. Други признаваат дека позајмиле пари. Трети, пак, одложиле поправка дома, регистрација на автомобил или летување, само за да не му скратат на детето вечер за која тоа зборувало со месеци.
„Ќе преживееме некако, ама не е нормално една матура да чини колку половен автомобил“, коментира мајка на матурантка.
Од друга страна, има и родители кои сметаат дека дел од вината е токму кај возрасните. Велат дека родителите сами го хранат натпреварот, дури и кога тврдат дека не сакаат да учествуваат во него. Секој сака детето да изгледа убаво, но ретко кој прв се откажува од скапите додатоци. Така, спиралата продолжува.
„Не можеме постојано да велиме дека цените се луди, а потоа сами да плаќаме сè што ќе ни се понуди. Некој мора да пресече“, велат дел од родителите.
Но, лесно е да се каже. Потешко е кога дома имате осумнаесетгодишник кој ја чека својата вечер, кој сака да биде дел од генерацијата, да има фотографии, да се радува, да не биде различен. Тука многу родители омекнуваат. И плаќаат.
Познавачите сметаат дека училиштата и родителските совети би можеле да имаат поголема улога во поставување разумни граници. Не со забрани, туку со договор. Поскромни прослави, однапред ограничени трошоци, помалку наметнување, повеќе достоинство. Матурата, велат тие, не мора да биде сиромашна за да биде убава. Но не мора ни да личи на свадба.
„Свеченоста не се мери со цена на фустан. Детето треба да памети дека завршило важен период од животот, а не дека родителите дома три месеци броеле ситни пари“, велат просветни работници.
И токму тука е суштината. Матурата треба да биде радост, не финансиски товар. Треба да биде вечер за генерацијата, не натпревар меѓу семејните буџети. Треба да остане спомен, а не сметка што ќе се отплаќа до лето.
Зашто на крај, кога ќе се изгаснат светлата во ресторанот, кога ќе се симнат штиклите, кога костумот ќе заврши во плакар, останува само едно прашање што сè почесто го поставуваат родителите: мораше ли баш толку?
