Велигденските аранжмани по стари цени, летните одмори поскапуваат
Актуелно

Велигденските аранжмани по стари цени, летните одмори поскапуваат

27. 03. 2026.

Поскапувањето на цените на транспортот веќе се одразува врз туристичкиот сектор, при што агенциите најавуваат повисоки цени на аранжманите. Зголемените трошоци за авиобилети и автобуски превоз директно влијаат врз крајната цена на патувањата, па граѓаните оваа сезона ќе треба да издвојат повеќе за одмор.

Туристичките работници велат дека туристичките аранжмани за Велигден остануваат по стара цена за оние што се уплатени порано, но за оние што уплаќаат сега ќе бидат поскапи поради поскапите авиобилети. Поради војната на Блискиот Исток, туристите ги менуваат плановите за летување и ги откажуваат летувањата за Турција, Кипар, Дубаи, Египет, Тунис…

Од туристичките агенции велат дека туристите сè повеќе ги избираат европските дестинации Италија, Шпанија, Малта, Хрватска… наместо  земјите од источниот Медитеран.

– Цените на велигденските аранжмани не поскапуваат, бидејќи одамна се букирани, односно авионските карти се купени и хотелите се веќе платени. Нема промена ниту кај цените на оние што се нудат во моментотов, единствено што може е да дојде до промена цените на авиобилетите, бидејќи компаниите најавија зголемување. Хотелите не ги зголемија цените, но авиокомпаниите ги зголемија цените на картите. На почетокот од војната, односно првите десет дена, имаше малку страв и граѓаните ги откажуваа патувањата, но сега ситуацијата е смирена и аранжманите се реализираа без проблем – изјави за весникот ВЕЧЕР Маја Димитровска, сопственик на една туристичка агенција.

Моментално нема откажување на резервациите за велигденските празници, ниту за летните одмори, ама нема ниту побарување за лето за Турција и за Египет, каде што во моментов е затишје.

– Очекуваме да има зголемување на цените на летните аранжмани, значи цените нема да бидат како лани, пред сè поради поскапите авиобилети. Дел од граѓаните ги откажаа аранжманите за Турција, но треба да се почека и да се види како ќе се одвива ситуацијата, бидејќи авиокомпаниите не ги враќаат парите за карти. Некои од граѓаните се многу исплашени и не сакаат да патуваат ниту во Европа, но од авиокомпаниите велат дека не можат да им ги вратат парите за авиобилетите бидејќи авионите летаат – вели Димитровска.

Од агенциите што работат со чартер-аранжмани за Турција, Тунис, Египет и за Шпанија, велат дека има откажување за Турција и за Хургада, но дека засега не е страшно тоа.

– За тоа што го продаваме во Македонија – нема промена на цените. Цените за велигденските аранжмани за Европа, односно за Грција, Италија, Шпанија… се исти и има интерес. Но, за Турција, Кипар, Египет, Дубаи има опаѓање на интересот за нови патувања и откажување на аранжманите што беа направени пред конфликтот. Очекувањата се дека ова лето помалку ќе се патува за Турција, но цените нема да паднат. Напротив, поради зголемените цени на авиобилетите и на автобускиот превоз, може да има зголемување на цените на аранжманите – вели за весникот ВЕЧЕР Драган Кузмановски, директор на една туристичка агенција.

„Визер“ веќе не лета од Скопје за Ларнака, Кипар, а откажани се сите летови и за Египет и за Дубаи. Главниот интерес ова лето ќе биде за Грција и за Шпанија. И за аранжманите за Грција можно е да има зголемување на цените, пред сè поради зголемените цени на автобускиот превоз.

Од агенциите велат дека за Велигден ќе се патува по старите цени и нема да има зголемување на цените на аранжманите. Најголем интерес има за Грција, Будимпешта, Венеција и за Милано, како и за бањите во Србија.

Извор: vecer.press