Нашите Instagram feed-ови значително се променија од 2010 година, кога платформата беше лансирана. Некогаш објавите ја прикажуваа секојдневната реалност, додека денес доминираат „совршени“ моменти и патувања.
Веќе не станува збор само за тоа луѓето да ги посетуваат истите места, туку и да прават идентични фотографии, во исти пози и кадри.
Поради тоа се создаваат редици пред локации како сините куполи во Оја на Санторини или Torii портата во Јапонија, додека одредени градови воведуваат и посебни „selfie zones“ за да го намалат метежот.
Во тој контекст се појави нов естетски правец што многумина не би го поврзале веднаш со „убавина“ – брутализмот.

Скопје како центар на бруталистичката приказна
Еден од градовите што најмногу го искористи овој тренд е Скопје, главниот град на Македонија.
По разорниот земјотрес во 1963 година, кога беа уништени околу 80% од градот, следуваше масовна обнова во која учествуваа архитекти од целиот свет. Резултатот беше уникатен спој на бруталистички објекти кои и денес го дефинираат визуелниот идентитет на градот.
Александра Георгиева, жителка на Скопје, организира пешачка тура низ бруталистичката архитектура, водена на принцип „бакшиш по желба“, со цел туристите подобро да го запознаат овој специфичен стил.
„Во тој период македонските архитекти дадоа огромен придонес во развојот на градот“, изјавила таа за Euronews Travel.
„Ова е архитектонски стил околу кој има многу поделени мислења, но сакале или не, градот целосно повторно се роди по земјотресот.“
Контроверзиите околу овој стил и понатаму постојат. Критичарите се залагаа бруталистичките фасади да бидат заменети со неокласичен стил, што делумно беше реализирано преку проектот „Скопје 2014“.

Иако проектот беше запрен во 2018 година, многу згради во центарот веќе беа преобликувани со значителни трошоци.
Поддржувачите на промените тврдат дека така му се враќа постариот изглед на градот, додека противниците сметаат дека се брише важен дел од историјата.
Георгиева не се согласува со тоа.
„Мислам дека ја пропуштивме шансата веднаш по земјотресот да го обновиме Скопје во неокласичен стил“, изјавила таа.
„Во меѓувреме, брутализмот стана еден од најважните стилови во градот. Можеби не е омилен кај сите, но е многу автентичен, специфичен и го издвојува Скопје од другите градови.“
Нејзината тура вклучува објекти како Македонската академија на науките и уметностите, Градскиот трговски центар и зградата на Пошта, кои денес се меѓу најпосетуваните локации за љубителите на овој архитектонски правец.
Каде уште може да се види брутализмот – и Белград станува сѐ попопуларен
Еден од најпознатите примери на брутализам во Европа е Барбикан центарот во Лондон, каде се организираат и водени тури низ комплексот.
Ереван во Ерменија исто така привлекува љубители на овој стил, особено благодарение на комплексот Cascade, додека во околината се наоѓа и радио-оптичкиот телескоп Orgov.
Меѓу градовите што сѐ почесто се издвојуваат на мапата на љубителите на брутализмот е и Белград, каде посетителите особено ги издвојуваат објектите како Генекс кулата, Палатата Србија, комплексот „Рудо“ (Источна порта на Белград), зградата „Toblerone“ на Карабурма и Ламелите во Блок 21, како и други монументални градби на социјалистичкиот модернизам кои станаа вистински туристички атракции и честа тема на социјалните мрежи.

Сите овие градби денес привлекуваат сѐ поголемо внимание кај посетителите, не само како дел од секојдневниот градски пејзаж, туку и како интересни точки на мапата за љубителите на бруталистичката и социјалистичката модерна архитектура, која повторно станува популарна.
