Од Организација на потрошувачи на Македонија сметаат дека е потребно навремено да се применат мерки како ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи значително зголемување на цените.
Претседателката Маријана Лончар‑Велкова посочува дека ваквите мерки и во минатото дале одредени резултати и дека превентивните чекори би можеле да помогнат во заштита на животниот стандард на граѓаните.
Во меѓувреме, Државен пазарен инспекторат започна засилени контроли кај производители, маркети, дистрибутери и увозници. Директорот Влатко Стојкоски информира дека околу 30 инспекциски тимови проверуваат сметководствени податоци, набавни цени и бруто-профитни маржи за околу 200 производи, од кои половина се основни прехранбени производи.
Од Комисија за заштита на конкуренцијата апелираат трговците да не договараат цени меѓусебно. Комисијата соопшти дека внимателно ги следи движењата на пазарот и дека ќе реагира доколку се утврдат забранети договори или злоупотреба на пазарната моќ.
Во меѓувреме, граѓаните веќе забележуваат поскапување на дел од производите, меѓу кои масло за јадење, јајца, кафе и какао.
Експертите предупредуваат дека на растот на цените може да влијае и поскапувањето на ѓубривата и енергијата. Според податоците од индустријата, цените на некои минерални ѓубрива се зголемиле за околу 30 проценти, што ги зголемува трошоците за земјоделското производство и може дополнително да се одрази врз цените на храната.
И Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) соопшти дека глобалните цени на храната во февруари повторно се зголемиле, главно поради поскапувањето на житарките и растителните масла, како и поради логистички проблеми во регионот на Црното Море.
