Град Скопје ја спроведе десеттата фаза од дезинсекцијата против комарци на подрачјето на главниот град, опфаќајки аерсолна и теристичка заштита. Оваа акција доаѓа во период кога во Македонија се потврдени осум случаи на западнонилска треска, а вирусот се шири низ Европа и регионот, каде во соседна Грција се регистрирани четири смртни случаи кај постари лица. Здравствените институции предупредуваат дека комарците се главни преносници и препорачуваат засилени мерки за лична заштита.
Акцијата се одвиваше во текот на ноќните и раните утрински часови, согласно годишниот план за превенција на Град Скопје.
Службите апелираа до пчеларите навреме да ги преземат сите потребни мерки за заштита на пчелите за време на третирањето на теренот. Редовните прскања се дел од институционалниот одговор за да се намали популацијата на комарци во урбаните средини во периодот на нивна најголема активност.
Паралелно со градските превентивни акции, здравствениот систем бележи зголемен број случаи на вирусот на западнонилска треска. Досега во Македонија се потврдени осум случаи на заразени лица.
Вирусот го пренесуваат комарците од родот Culex, кои се заразуваат при исхрана со крв од птици кои се примарни носители на вирусот. Кај најголемиот дел од луѓето кои ќе се заразат, инфекцијата поминува без симптоми или со лесна клиничка слика слична на настинка. Сепак, кај помал процент од инфицираните, вирусот може да предизвика тешки невролошки компликации како менингитис или енцефалитис.
Западнонилската треска активно се шири низ Европа, а посебно погоден е балканскиот регион. Во соседна Грција здравствените власти потврдија четири смртни случаи предизвикани од компликации од овој вирус, при што сите починати биле постари лица со претходни здравствени состојби.
Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC) предупредува дека климатските промени и подолгите топли периоди го продолжуваат вегетацискиот период на комарците, што создава услови за побрзо ширење на инфекцијата во повеќе европски земји.
Извор: trn.mk
