Келнери и шанкери „се бараат под дрво и под камен“ – над 300 слободни места
Актуелно

Келнери и шанкери „се бараат под дрво и под камен“ – над 300 слободни места

22. 09. 2026.

На македонскиот пазар на труд во последниот период има најголема побарувачка за продавачи, оператори во кол-центри, хигиеничари, возачи, келнери и општи работници, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Најмногу отворени позиции има за продавачи – 496, а веднаш зад нив се операторите во кол-центри со 490 работни места. За хигиеничари на станбен и деловен простор има 407 отворени позиции.

Меѓу најбараните повторно се и келнерите, со 368 слободни работни места, што се поврзува со сезонската побарувачка и заминувањето на дел од работниците на работа во странство. За општи работници има 307 отворени позиции, додека се бараат и 303 шанкери.

Од останатите занимања, има 237 слободни места за административни службеници, 192 за работници за сортирање, а за програмери се отворени 119 позиции.

По сектори, најмногу слободни работни места има во трговијата на големо и мало – 1.582, потоа во сместување и послужување храна – 1.525, а на третото место се административните и помошните дејности – 1.178 позиции.