Во вториот квартал од 2026 година се регистрирани 3.684 живородени деца, што е 3% помалку во споредба со истиот период лани. Природниот прираст е негативен и изнесува -1.005, односно бројот на починати е поголем од бројот на родени за 1.005 лица.
Особено забележлив е падот во некои од поголемите општини. Во Тетово бројот на живородени деца се намалил од 1.025 во 2021 година на 822 во 2025 година, додека во Гостивар од 583 на 440. Во Куманово, бројот паднал од 1.011 на 829 живородени.
Намалување има и во Струга – од 543 на 474, како и во Кичево – од 368 на 277 живородени деца.
Во вториот квартал од 2026 година, меѓу општините со најнегативен природен прираст се Битола (-118), Аеродром (-62), Куманово и Прилеп (-59), Гостивар и Кочани (-58).
Според податоците, во 2025 година бројот на живородени деца на ниво на државата за првпат паднал под 16.000.
Владата најави Национална стратегија за демографија и пакет мерки за справување со демографската криза. Премиерот во мај најави и Стратегија за демографска отпорност 2026–2046, додека во меѓувреме се најавуваат и законски измени насочени кон подобрување на финансиската состојба на мајките и семејствата со деца.
