Караманот официјално признаен како македонска автохтона овчарска раса
Актуелно

Караманот официјално признаен како македонска автохтона овчарска раса

14. 04. 2026.

Македонското овчарско куче караман пред неколку дена беше официјално внесено во меѓународниот регистар на кинолошки раси и со тоа се вбројува меѓу 378-те светски признати раси на кучиња. Овој чекор претставува значајна потврда за македонското кинолошко наследство и за автентичноста на расата.

Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман“, Илија Ико Каров, за МИА посочи дека признавањето е резултат на процес што траел повеќе од 20 години и е плод на долгогодишна посветеност, истрајност и јасна визија.

Тој нагласи дека станува збор за важен момент, бидејќи, како што вели, еден од живите симболи на Македонија конечно добил меѓународна потврда и сега официјално го носи името на државата на светско ниво. Според Каров, овој успех не му припаѓа на поединец, туку е заеднички резултат на многу години работа.

Расата, според него, води потекло од автохтоните планински овчарски кучиња кои со генерации биле користени за заштита на стадата низ македонските планински предели. Нејзиното дефинирање и селектирање се одвивале постепено, со научна поддршка и со систематски пристап.

Каров истакнува дека караманот се издвојува по својата лојалност и природен развој, нагласувајќи дека човекот всушност само го организирал и опишал она што природата веќе го создала.

Како еден од клучните проблеми во зачувувањето на расата, тој го посочува опаѓањето на сточарството и празнењето на селата, поради што е сè потешко да се најдат чистокрвни примероци. Со намалувањето на традиционалниот рурален живот, се намалува и бројот на автохтони единки, што претставува сериозен предизвик за понатамошниот развој на расата.

Во текот на процесот за признавање биле направени и научни анализи на Ветеринарниот факултет во Скопје. Тие покажале јасни морфолошки и генетски разлики меѓу караманот и шарпланинецот.

Истражувањата утврдиле значајни отстапувања во градбата на черепот и во ендокранијалниот волумен, а разликите достигнувале и до 40 до 60 проценти. Покрај тоа, генетските испитувања покажале и јасни разлики во ДНК профилите, што, според истражувачите, потврдува дека станува збор за две посебни раси.

Караманот првпат бил официјално промовиран во 2010 година, а веќе следната година бил одбележан и со поштенска марка, како симбол на неговото културно и природно значење.

Со вклучувањето на караманот во светската кинолошка федерација, Македонија добива уште едно меѓународно признание за заштитата на своите автохтони раси и природно наследство.

Извор: skopjeinfo.mk