Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во 11 часот во Гевгелија биле измерени 35,3 степени, додека во Скопје на Зајчев Рид температурата достигнала 33 степени.
Високи температури се регистрирани и во други градови. Во Струмица биле измерени 32,4 степени, во Кавадарци 32,3, а во Демир Капија 32,2 степени. Скопје-Петровец достигнал 31,6 степени. Најпријатни температури во претпладневните часови имало на Попова Шапка, со 19,3 степени, и во Крушево, каде биле измерени 24 степени.
Денеска се очекува температурите да останат високи, со слаб до умерен северозападен ветер. И петок ќе биде сончев и топол, со мала до умерена облачност и умерен северен ветер.
Позначителна промена на времето се очекува во текот на викендот. Во сабота и недела сончевите периоди во претпладневните часови ќе бидат проследени со попладневна нестабилност.
Во сабота минималните температури ќе се движат од 13 до 22 степени, додека дневните максимални ќе достигнат од 34 до 39 степени. Во недела максималната температура ќе биде од 32 до 37 степени.
Поради нестабилната воздушна маса, во текот на викендот се очекува развој на локални невремиња, проследени со силни електрични празнења, интензивен пороен дожд и појава на град.
Во меѓувреме, податоците од дневниот хидролошки билтен на УХМР укажуваат на неповолна состојба со водостоите на дел од природните езера и реки. Дојранското Езеро утрово било на 145,09 метри надморска височина, односно 104 сантиметри под договорениот минимум и значително под просечното августовско ниво од 147,69 метри. Температурата на водата во Дојран изнесувала 27,2 степени.
Дополнително, речното корито на Струмица кај мерната станица Сушево е целосно суво.
