Извршителите во 2025 година наплатиле над 137 милиони евра – раст на наплатата од граѓаните
Актуелно

Извршителите во 2025 година наплатиле над 137 милиони евра – раст на наплатата од граѓаните

03. 03. 2026.

Во 2025 година извршителите во Македонија присилно наплатиле 137.368.058 евра, што претставува реализација од 43,63 проценти од примените барања за наплата. Иако вкупната наплата е помала во однос на 2024 година за околу 23,3 милиони евра, податоците покажуваат раст на износот наплатен од граѓаните-должници.

Според извештајот за работата на извршителите, најголем дел од средствата се наплатени од компаниите – 63.466.121 евра. Од граѓаните се присилно наплатени 50.866.174 евра, што е највисок износ досега и првпат ја надминува границата од 50 милиони евра. Од државата, пак, се наплатени 24.802.218 евра.

Во споредба со 2024 година, наплатата од граѓаните е зголемена за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и државата има пад на наплатените средства.

Компаниите не се само најголеми должници, туку и најголеми доверители. Во текот на 2025 година фирмите преку извршители наплатиле повеќе од 105 милиони евра. Граѓаните како доверители наплатиле над 31 милион евра, додека државата во оваа улога наплатила нешто помалку од 2,5 милиони евра.

Податоците на Комората на извршители покажуваат дека во изминатите две децении, од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година, присилно се наплатени вкупно 2.220.801.014 евра.

Географски, најголем дел од наплатата во 2025 година е реализиран во Скопје – речиси 70 милиони евра. Следуваат подрачјата на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судовите во Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со околу 9,8 милиони евра.

Во текот на годината биле поднесени и 160.971 барања за присилна наплата од страна на компании, од кои 10.257 се од банки, а 45.219 од комунални претпријатија. Во меѓувреме, повторно се актуелизираат најавените законски измени за дигитализација и поголема ефикасност на извршната постапка, додека синдикатите бараат намалување на трошоците што ги плаќаат должниците.

Извор:radiomof.mk