Најскапиот продаден стан во земјава во овој период е во Центар: 105 квадратни метри, продадени за 300.000 евра. Тоа значи дека купувачот платил 2.857 евра за еден метар квадратен – цена што го потврдува Центар како најжешка точка на пазарот, далеку од досегашниот просек за Скопје.
Посебна приказна се гаражите. Во Аеродром е продадена најскапата гаража – 24 квадратни метри за 1.854.000 денари, односно околу 30,1 илјади евра. Пресметано по метар квадратен, тоа изнесува 77.250 денари за паркинг-место, што ја потврдува тезата дека во густо изградените населби, местото за автомобил веќе станува луксузен производ, а не стандард на урбаното живеење.
За граѓаните кои со години штедат за свој стан, овие бројки звучат како паралелна реалност. Но токму тие најдобро ја покажуваат насоката во која се движи пазарот на недвижности: Центар како синоним за милионски трансакции и високи ренти, Илинден како индустриско јадро, а Аеродром како пример дека дури и квадратот во подземна гаража веќе има цена на „вистински“ метар квадратен во многу други македонски градови.
