Рекордна наплата од патарини: Над 31 милион евра за шест месеци, познато која станица е најпрометна
Актуелно

Рекордна наплата од патарини: Над 31 милион евра за шест месеци, познато која станица е најпрометна

20. 08. 2026.

Од почетокот на годинава до крајот на јуни, од наплатата на патарини во Македонија се собрани 1.919.775.277 денари, односно повеќе од 31 милион евра. Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за МИА информираат дека тоа е за 21.891.532 денари повеќе во однос на истиот период минатата година.

Најголем сообраќај е регистриран на наплатната станица Тетово, а по неа следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.

Според остварените приходи и цените на билетите, најмногу средства се собрани на наплатната станица Романовце. Следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.

Од ЈПДП посочуваат дека во периоди со зголемен сообраќај, особено во летната сезона, се активира посебен распоред со кој на наплатните станици се ставаат во функција сите расположливи ленти.

Истовремено, приоритет се дава и на електронската наплата преку МTag и MCard. Возилата со MTag поминуваат без запирање, додека MCard овозможува бесконтактно плаќање без контакт со вработените на наплатните станици.

Електронската наплата во моментов учествува со 36 проценти од вкупниот промет на 11-те наплатни станици каде што е воведена.

Од ЈПДП велат дека продажбата и надополнувањето на електронските уреди бележат раст, особено откако МTag уредите се достапни и во продажните салони на мобилните оператори. Според податоците, електронската наплата е зголемена за шест проценти.

Од мај годинава МTag уредите можат да се купат и преку продажната мрежа на „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, додека претходно беа достапни само преку ЈПДП и на наплатната станица Петровец.

Од претпријатието информираат и дека се разгледува можноста за воведување систем на наплата сличен на оној во Србија, односно затворен систем во кој корисниците би плаќале според изминатите километри. За воведување на ваков модел на Коридорот 8 веќе се подготвува студија.

Минатата година, до 23 декември, од наплата на патарини бил остварен промет од 4.158.914.362 денари, односно околу 67,6 милиони евра.