Најновото истражување на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува загрижувачки податоци за навиките и ризичните однесувања кај средношколците на возраст од 15 до 16 години во Македонија.
Според извештајот „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД 2024“, алкохолот останува најдостапна и најкористена супстанца – повеќе од половина ученици изјавиле дека лесно можат да набават пиво, вино или жестоки пијалаци. Над 62% пробале алкохол, а секој трет пиел во изминатиот месец.
Истражувањето покажува и значителен раст на употребата на електронски цигари – од 21% во 2019 година на 30% во 2024 година, додека речиси 20% од учениците пробале загреани тутунски производи. Од ИЈЗ предупредуваат дека овие производи често се доживуваат како побезбедни, иако носат сериозни здравствени ризици.
Во однос на коцкањето, еден од четири ученици (25%) се коцкал за пари во изминатата година, при што проблематичното коцкање е почесто кај момчињата. Иако дел од коцкањето се одвива во физички објекти, онлајн платформите сè повеќе го замаглуваат проблемот.
Истражувањето укажува и на прекумерна употреба на социјални мрежи, особено кај девојчињата, како и на видеоигри кај момчињата, што негативно влијае врз расположението, спиењето и менталното здравје на младите.
Од ИЈЗ заклучуваат дека, иако дел од младите имаат силна семејна поддршка, постои значајна група адолесценти кои се особено ранливи. Затоа, се нагласува потребата од посеопфатни превентивни програми, подобра регулатива, едукација и вклучување на семејствата и заедницата во справување со овие појави.
