Во првата недела од октомври поголем дел од маркетите направија нагорна корекција на некои од цените, а во сите пак се зголеми цената на дел од брендовите на цигари. Една кутија од еден од поскапените брендови сега се продава за 170 денари или за 10 денари повеќе.
Но, не само цигарите, октомвриски поскапеа и дел од кондиторските производи.
„Да, точно е дека ги променивме цените. Поскапеа чоколадите. Граѓаните веќе речиси и да не ги купуваат“ – вели една продавачка од скопски маркет.
Чоколадна вафла од 50 грама која чинеше 32 денари сега се продава по 43 денари што значи дека цената само на овој производ е зголемена за фантастични 25,5%.
Есенскиот период граѓаните се изложени на „ценовен удар“ и кај зеленчукот кој во овој период типичен за правење на традиционалните зимници, се продава по високи цени.
На пример килограм карфиол чини 170 денари, црвената пиперка од над 50 денари до 90 денари за килограм, а цената на морковот достигна 50 денари. Новото мерење на Заводот за статистика покажа дека во септември во однос на август инфлацијата изнесува -0,2% но во однос на истиот месец лани, како и во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани таа е повисока за 4%.
Она што алармира е дека повторно инфлацијата расте кај храната. Така, трошоците на живот за храна и безалкохолни пијалаци во првите девет месеци во споредба со истиот период лани се зголемиле за дури 4,9% додека на месечно ниво, септември во однос на август изнесува -0,1%.
