Храната претставува еден од најголемите трошоци за европските домаќинства, со просек од 11,9% од вкупната потрошувачка во Европската Унија, додека во земји како Романија овој удел се зголемува на 20%. Споредбата на цените се базира на индексот на Евростат, каде што просечната цена на кошничката за храна во ЕУ е 100. Вредност над 100 означува повисоки цени од просекот, додека вредност под 100 означува поповолни цени.
Според податоците, Швајцарија е убедливо најскапа земја со индекс од 161,1, што значи дека цените на храната се повисоки за 61,1% од просекот на ЕУ. По неа следат Исланд (146,3) и Норвешка (130,6).
Во рамките на земјите членки на ЕУ, жителите на Луксембург мораат најмногу да одвојуваат за храна, каде цените се за 25,7% повисоки од просекот, додека во Романија е најевтина.
Меѓу најголемите економии на ЕУ, цените во Германија и Италија се малку над просекот, додека Франција е значително поскапа. Шпанија, од друга страна, е за 5,4% поевтина од просекот на ЕУ.
Ниските цени на храната се карактеристични за Југоисточна Европа и Западен Балкан, а Турција, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија се исто така значително под просекот.
Македонија е најевтината земја по цената на храната од сите 36 земји во Европа. Стандардната потрошувачка кошничка изнесува 73 евра, што е 27% поевтино од просекот во ЕУ.
