Регулаторната комисија за енергетика одлучи дека од денеска на полноќ цената на бензините (95 и 98 октани) ќе се намали за 2,5 до 3 денари за литар, додека цената на дизел горивото ќе остане иста како и до сега. Со тоа, максималната цена на еден литар Еуросупер 95 ќе биде 84 денари по литар, на Еуросупер 98 – 85,5 денари по литар, на Еуродизел 95,5 денари по литар, а на екстра лесното масло 92,5 денари по литар што е поскапување од половина денар. Од комисијата посочуваат дека донеле и одлука со која го намалуваат износот кој граѓаните го плаќаат за секој литар гориво за работење преку склад, од 1,70 на 1,20 денари по литар.
Според РКЕ, цените на бензините на светските берзи во последната недела бележат пад од 3,76 отсто додека кај дизелот има раст од 1,6 отсто, па затоа е намалена цената на бензините. Според РКЕ, курсот на денарот во однос на доларот, кој исто така влијае на крајната цена е понизок за 0,5 отсто.
Во време кога цените на енергенсите драматично растат поради војната кој САД и Израел ја започнаа во Иран, Мета.мк анализираше каде се одлева колкав дел од секој продаден литар гориво. Според информациите од Регулаторната комисија за енергетика, кои се содржат во нивните одлуки во однос на цената на нафтата и нафтените деривати, најголем дел, очекувано се одвојува за големопродажната цена на дериватите, односно за нафтените компаниии рафинериите. Поточно кажано кога станува збор за дизел горивото, околу 66 отсто од цената е рафинериската цена, а кај безоловниот бензин, тоа опфаќа околу 55 отсто од цената.
Втор по големина е износот кој се одвојува за акцизата, односно данок кој го наплаќа државата и изнесува околу 16 отсто од цената на литар дизел, а 26 отсто од цената на секој литар бензин. Трета давачка која, исто така оди кај државата е уште еден данок, односно Данокот на додадена вредност, кој во моментов изнесува 10 отсто откако Владата реши да назначи привремена повластена ставка за нафтата и нафтените деривати, наместо 18 отсто. Акцизата и ДДВ-то, како даноци, заедно сочинуваат голем дел од цената на горивата, односно од една четвртина (25 отсто) до 35 проценти од малопродажната цена што ја плаќаме на бензинските пумпи во зависност од тоа какво гориво точиме. Меѓу давачките кои исто така се одвојуваат за државата за секој литар гориво се и давачките за задолжителни резерви (од 0,3 до речиси 1 отсто) и за животна средина (0,1 отсто).
Потоа, уште околу 8-9 отсто од малопродажната цена се одлева кај компаниите кои вршат увоз и транспорт на горивата, поточно, 8 отсто за трговска маржа и складирање и околу еден процент за транспорт.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk
